Линкови за пристапност

Лидерската без договор, ќе има и трета средба


Владата и опозицијата остануваат на своите ставови. За некои прашања има напредок во преговорите но по некои точки нема никакво поместување. Техничка влада по пржински модел е еден од условите на ВМРО-ДПМНЕ за формирање на ДИК

СКОПЈЕ - Втората лидерска средба која се одржа во последните 24 часа во Клубот на пратеници, а на која овој пат присуствуваа само претставниците на четирите најголеми политички партии од македонскиот и албанскиот политички блок, заврши без договор. Роковите течат а изборот на новиот состав на Државната изборна комисија (ДИК) тапка во место истко како иформулирањето на референдумското прашање и терминот на референдумот на кој граѓаните ќе го кажат својот став околу Договорот со Грција.

Лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, воздржани во изјавите, велат дека по некои прашања има напредок но и дека по некои нема никакво поместување но и двајцата се оптимисти дека преговорите ќе резултираат со договор.

„ Верувам дека сите сме свесни дека процесот е во броени денови. Зошто, затоа што сакаме навремено да спроведеме референдум, после кој успешен референдум ќе следуваат уставни промени во Парламентот за да можеме рано наредната година да очекуваме одлука и од грчкиот Парламент. Тие рокови се поврзани. Согласно тоа јас очекувам на наредната лидерска средба да објавиме решение, односно се надевам решение кое ќе значи договор меѓу власта и опозицијата“, изјави премиерот Заев и порача дека амнестија за настаните од 27 април нема да има.

Мицкоски пак демантираше дека амнестијата е услов за формирање на новиот состав на ДИК обвинувајќи го премиерот дека манипулира со јавноста. Тој повтори дека мора да се запази договорт постигнат во април годинава алудирајќи на формирање на Техничка влада по пржинскиот модел како предуслов за референдум и рече дека на средбата не се разговарало околу референдумското прашање и за тоа дали би бил консултативен и обврзувачки.

„ Доколку навистина се стремиме кон европските вредности и принципи така треба и да се однесуваме и истите вредности не само декларативно да ги соопштуваме туку и да ги применуваме во дело. Да му оставиме шанса на процесот да се развива, па ќе видиме како ќе заврши. Инаку оптимист сум, за дел од темите имаме напредок, за дел немаме никаков напредок. Генерално се се ограничува до моментот на формирање на составот на ДИК“, изјави Мицкоски по средбата.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети , рече дека сеуште има разлики меѓу партиите но и дека е оптимист дека ќе се најде решение за да не се пропушти историската шанса за државатаа.

„Секако дека има разлики кај политичките партии. Меѓутоа, сите треба да се ангажираме за да имаме успешна завршница за имплементација на договорот којшто е постигнат со грчката страна“, изјави Ахмети.

Претседателот на БЕСА, Биљал Касами смета дека државата е во критична состојба и нагласи дека тие како партија ќе придонесат процесот успешно да заврши.

„Ние ќе придонесеме процесот да заврши со договор, ДИК да се формира и референдумот да биде успешно организиран и на сите граѓани да им се даде слобода да ја изразат волјата сè со цел Македонија да биде членка на ЕУ“, рече Касами.

По вчерашната средба премиерот Заев ја навести можната формулација на референдумското прашање - „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Република Грција?“. Денеска немаше никаква информација околу овој предлог.

Засега нема официјални информации дали најавената трета лидерска средба ќе се одржи во недела навечер или понеделник наутро и дали ќе биде во истиот формат, со четирите најголеми политички партии од македонскиот и албанскиот политички блок.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG