Линкови за пристапност

Референдумското прашање се наѕира, нова лидерска средба утре


Консултативен наместо обврзувачки референдум е насоката во која се движела дискусијата. Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ си замина од средбата барајќи нова на која ќе бидат присутни само претставниците на четирите најголеми партии од македонскиот и албанскиот политички блок

СКОПЈЕ - „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Република Грција?“ е можната формулација на референдумското прашање. Ова го соопшти премиерот Зоран Заев непосредно по завршувањето на лидерската средба која се одржа во Клубот на пратеници.

Средбата заврши по четири часа разговори, во најголем дел без опозициската ВМРО-ДПМНЕ бидејќи претседателот на партијата Христијан Мицкоски одлучи да ја напушти како знак на револт.

На лидерската средба која ја свика премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, беа присутни претставници на сите парламентарни партии кои имаат повеќе од еден пратеник и е прва од ваков формат. На неа се дискутирало исклучиво за и околу референдумот и референдумското прашање.

Според премиерот Заев, референдумот треба да има консултативна а не обврзувачка улога во поглед на резултатите односно волјата на граѓаните.

„ Разговаравме и за насоката на која не упатува член 27 од Законот за референдум, според кој, во услови кога Собранието треба да донесе некоја исклучително важна одлука во иднина, потребно е, референдумот да биде консултативен, со цел граѓаните на да бидат консултирани за вака важно прашање, пред да се донесе одлуката, а согласно Договорот со Грција тоа е одлуката за уставни промени. Во секој случај, волјата на мнозинството граѓани изразена на референдум, ќе биде конечна за сите политички чинители во Собранието“, рече Заев.

Во своето обраќање премиерот го осуди потегот на Мицкоски и напуштањето на средбата, оценувајќи го несериозно, неодговорно и навредливо.

„ Ако е Мицкоски за НАТО и ЕУ, и за просперитетна иднина на Република Македонија, тој вечерва требаше да седи, рамо до рамо, со лидерите на политичките партии и да носи одлуки во интерес на граѓаните на нашата земја. Наместо тоа, Мицкоски одлучи да избега од лидерската средба, а со тоа и да избега од одговорноста за ова историски најважно прашање за македонската иднина“, рече Заев.

Од друга страна пак, Мицкоски даде куса изјава по напуштањето на средбата во Клубот на пратениците во која како образложение го наведе потегот на Владата со кој се укинува двотертинското мнозинство за избор на нови членови на Државната изборна комисија (ДИК).

„Изразивме сериозен револт и негодување на девијантното однесување од страна на владините претставници, но и од парламентарното мнозинство кога на еден начин кој што досега не беше пракса во политичкиот живот во Македонија се утврди потребата од промена на Изборниот Законик без поддршка на најголемата опозициска партија, односно без поддршка на опозицијата, а се со цел да се намали бројот на потребни пратеници кога се усвојува составот на Државната Изборна Комисијата, од двотретинско мнозинство на парламентарно мнозинство од 61 пратеник“, рече Мицкоски.

Тој посочи дека не го разбира концептот на лидерска средба во овој број и побара од премиерот Заев да организира нова на која би присуствувале четирите најголеми партии од македонскиот и албанскиот политички блок.

За разлика од ВМРО-ДПМНЕ претставниците на Социјалистичката партија, кои сеуште се водат како опозиција останаа до крајот на средбата.

Нова лидерска средба е закажана за утре на пладне, повторно во Клубот на пратеници, но овој пат во скратен состав, најверојатно по стариот формат со претставници на четири партии како што бараше опозицијата.

XS
SM
MD
LG