Линкови за пристапност

Во игра и лидерска средба за формирање на ДИК


Владеачката СДСМ го достави во Собранието Законот за финансирање политички партии кој е еден од клучните услови на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за да се откочи процесот околу изборот на нови членови на комисијата. Опозицијата останува и на барањето за формирање на техничка Влада

Процесот за формирање на Државната изборна комисија (ДИК) мора да тргне од мртва точка и ова прашање да се затвори до крајот на месецот за да може да се запазат законските и временските рокови за одржување на референдумот најавен за крајот на септември или почетокот на октомври. Преговорите меѓу власта и опозицијата кои се на ниво на работни групи тапкаат во место а претседателот на собраниската Комисија за избори и именувања, пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски, не свикува седница бидејќи немал јасна согласност од сите парламентарни партии.

Денеска премиерот Зоран Заев најави дека е можна и лидерска средба како начин на кој би се финиширал изборот на нови членови на ДИК .

„ Ако работните групи не можат да решат одредени прашања постои опција за лидерска средба. Без разлика кој ќе ја свика, јас или друг шеф на партија од владеачкото мнозинство или опозицијата. Сепак, верувам дека ќе се најде решение на ниво на работните групи бидејќи прашањата се разумни и брзо треба да се одговори за информација на граѓаните“, рече премиерот Заев.

Сепак, тој нагласи, дека очекува во најкус можен рок да се формира ДИК и дека е убеден дека преговарачките тимови ќе го завршат целиот процес а потоа партиите ќе седнат на заедничка маса и ќе отворат дебата за референдумското прашање.

Заев го оцени однесувањето на опозициската ВМРО-ДПМНЕ по ова прашање како крајно несериозно

„Тоа што власта е вовлечена во еден вид на преговори за формирање на ДИК покажува само адолесценција. Би требало да нема услови кои ќе имплицираат стопирање или блокирање на процесите кои доаѓаат, а се процеси на изјаснување на граѓаните. Јас лично очекувам брзо формирање на ДИК“, изјави Заев и додаде дека очекува согласност од сите 120 пратеници во Парламентот доколку граѓаните одлучат позитивно на референдумот околу промена на името и Уставот.

За да се продолжи процесот на избор на нови членови на ДИК, Владата денеска до Собранието го достави Законот за финансирање на политичките партии кој беше еден од условите на ВМРО-ДПМНЕ за делегирање на членови. Премиерот рече дека не се согласува со вториот услов на опозицијата, односно измена на Изборниот законик и формирање на техничка влада три месеци пред избори.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека останува и на втрото барање - техничка Влада по примерот на Пржинскиот договор.

„Јасно и концизно беа договорени одредени работи уште во март помеѓу партиите во текот на преговорите коишто ги водеа ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, и концептот за финансирање на партиите беше договорен кој исто така видовме дека го поздравија сите политички партии. Меѓутоа беше договорено и техничка влада по примерот на Пржинскиот договор каде што ќе има технички премиер и министри со право на вето“, стои во известувањето од партијата.

Претседателот на Комисијата за избори и именувања, Илија Димовски од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, во изјава за Гласот на Америка на македонски јазик рече дека останува цврсто на ставот дека се‘ додека нема јасна согласност меѓу партиите нема да ја почне процедурата. Тој тврди дека двотретинско мнозинство, кое е неопходно при гласањето во Собранието, се уште не е постигнато и поради тоа процедурата може да запре во натамошните фази од постапката.

„Засега нема сигнал и согласност од сите партии и затоа не ја почнувам процедурата за избор на новиот состав на ДИК. Доколку почне и потоа се заглави во втора или трета фаза ќе треба целата постапка да се врати од почеток и со тоа ќе се изгуби дополнително време. Токму затоа мора да ја имам согласноста од сите парламентарни партии“ рече Димовски.

Иако не потврди, повеќе од јасно е дека недостасуваат гласовите на пратениците од неговата матична партија, ВМРО-ДПМНЕ.

Тој смета дека одржувањето на референдумот не се доведува во прашање бидејќи процедурата би била кратка и составот на ДИК ќе има доволно време да ја заврши работата.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG