Линкови за пристапност

Реакции по поканата од НАТО - од историски успех до барање за оставки


Владеачката СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ, очекувано, со дијаметрално спротивни ставови околу поканата од Алијансата

СКОПЈЕ- Одлуката на Самитот на НАТО со која Македонија доби покана за почеток на пристапни преговори со Алијансата наиде на различен прием кај политичките партии во државата. Во македонскиот политички блок двете најголеми партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, останаа со спротивставени ставови додека од албанскиот политички блок засега нема никакви реакции.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ беше прва која излезе со рекација околу поканата од Алијансата. Оттаму соопштија дека станува збор за комплетен неуспех, „шамари наместо аплаузи“ и дипломатско фијаско и побараа ставка од министерот Никола Димитров.

„ Македонија не доби ниту безусловна покана за НАТО, ниту датум за почеток на преговори со Европската Унија. Македонија со СДСМ доживува вистинско дипломатско фијаско. Македонската дипломатија крахираше и за тоа мора да се понесе одговорност. Денеска Македонија не доби аплаузи, денеска Македонија доби шамари. Токму затоа, како прв чекор на власта е оставка на Никола Димитров кој што заедно со Зоран Заев ја донесоа државата во ќорсокак“, изјави Наум Стоилковски, портпарол на партијата.

Од друга страна пак, СДСМ не штедеше пофални зборови и суперлативи околу поканата. За партијата станува збор за историски успех кој доаѓа по години минати во изолација.

„Остварен е уште еден историски успех на Македонија и нејзините граѓани. Република Македонија доби покана за влез во НАТО. СДСМ им честита на сите граѓани. Заедно успевме. Вратите на Алијансата се отворени, обезбедено е местото на Македонија во НАТО. Успехот на Македонија е препознаен и признаен“, стои во соопштението од владеачката СДСМ.

Од дипломатските преставништва во Македонија засега без реакции околу поканата од Алијансата. Единствено бугарското МНР со официјално соопштение ја поздрави одлуката на Самитот.

„ Ја поздравуваме одлуката од самитот на НАТО за почнување разговори со Република Македонија за приклучување кон Алијансата - решавачкиот чекор кон нејзината евроатлантска припадност. Ја поддржуваме одлучноста на Владата во Скопје да продолжи со примена на реформите и со зацврстување на добрососедските односи. Од наша страна, ќе продолжиме да ја даваме неопходната поддршка во духот на нашиот Договор за пријателство, добрососедство и соработка, што го потпишавме во 2017 година“, соти во соопштението на бугарското МНР.

За неколку часа во Брисел ќе се одржи церемонијата на која ќе биде врачена поканата за старт на пристапни преговори на Македонија со Алијансата.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG