СКОПЈЕ – Десет дена по истекот на рокот за формирање на новиот состав на Државната изборна комисија (ДИК), нема никави сигнали дека тоа може да се случи брзо, во наредниот период, и со тоа да не се доведе во прашање одржувањето на референдумот, клучен за интеграциите на Македонија во НАТО и ЕУ, закажан за есенва.
Претседателот на Комисијата за избори и именувања, Илија Димовски од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, останува цврсто на ставот дека се‘ додека нема јасна согласност меѓу партиите нема да ја почне процедурата. Тој тврди дека двотретинско мнозинство, кое е неопходно при гласањето во Собранието, се` уште не е постигнато и поради тоа процедурата може да запре во натамошните фази од постапката.
„Засега нема сигнал и согласност од сите партии и затоа не ја почнувам процедурата за избор на новиот состав на ДИК. Доколку почне и потоа се заглави во втора или трета фаза ќе треба целата постапка да се врати од почеток и со тоа ќе се изгуби дополнително време. Токму затоа мора да ја имам согласноста од сите парламентарни партии“ изјави Димовски за Гласот на Америка на македонски јазик.
Иако не потврди, повеќе од јасно е дека недостасуваат гласовите на пратениците од неговата матична партија, ВМРО-ДПМНЕ.
Димовски смета дека одржувањето на референдумот не се доведува во прашање бидејќи процедурата би била кратка и составот на ДИК ќе има доволно време да ја заврши работата.
„Формално правно составот на комисијата може да биде избран и да почне да функционира за три дена откако ќе почне процедурата. Ќе има доволно време“, уверува Димовски.
Спикерот Талат Џафери се надева дека опозицијата нема да го кочи изборот на членовите на ДИК.
„Прв пат се случува Комисијата за избори и именувања да ја води опозицијата. По завршувањето на изборите во 2016, компромисно се договоривме и пруживме рака како мнозинство, да покажеме дека имаме верба во опозицијата. Со сето ветување од опозицијата дека нема да се искористи за опструкција таа Комисија, гледаме дека во пракса не е така“, изјави Џафери.
Од СДСМ денеска ја обвинија опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека намерно го блокира формирањето на ДИК за да предизвика вештачка криза но и бидејќи се плаши од волјата на граѓаните.
„ВМРО-ДПМНЕ треба веднаш да престане да ја блокира работата на Комисијата за избори и именувања. Веднаш да се избере новиот состав на ДИК, за да воопшто може да се организира референдум. Ако тоа не го направат, значи дека ВМРО-ДПМНЕ не сакаат референдум и бегаат од избори. Очигледно е, ВМРО-ДПМНЕ се плаши од волјата на граѓаните. Едно треба да биде јасно, амнестија за криминал нема да има“ изјави пратеникот Костадин Костадинов на прес конференција.
Димовски не сака да ги коментира обвинувањата на владеачката СДСМ и тврдењата за евентуален пазар со амнестија за настаните нд 27-ми април.
„Јас имам формално правна обврска. Не сакам да коментирам никакви шпекулации ниту пак обвинувањата од владеачката партија“, рече тој.
ВМРО-ДПМНЕ досега официјално не го условуваше формирањето на новиот состав на ДИК со амнестија за обвинетите од „крвавиот четврток“ но лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, се почесто го истакнува ова прашање во јавноста. Од партијата засега се со ставот дека услов за гласот на нивните пратеници е носењето на законот за финансирање на партии и законот за Влада.
Рокот за формирање на новиот состав на ДИК истече на 29 јуни. Новиот состав ќе има шестмесечен мандат и ќе биде задолжен само за референдумот кој премиерот Зоран Заев го најави за крајот на септември или почетокот на октомври годинава.
Огласот за нов состав на ДИК заврши пред две недели, а се пријавија 41 кандидат. Рокот до кога треба Собранието да го избере новиот состав на ДИК е 17-ти јули.
Facebook Forum