Спасувачките екипи денеска ја обновија операцијата за извлекување на преостанатите момчиња и нивниот фудбалски тренер, заглавени во тајландската пештера.
Според медиумските извештаи, осмо момче по ред било изнесено на носилка и пренесено во болница.
Министерот за внатрешни работи, Анупонг Паоџина, кажа дека нуркачите кои учествувале во спасувачката акција во неделата, ја спроведуваат операцијата и денес, затоа што тие ги знаат најдобро условите во пештерата.
Во неделата, нуркачите спасија четири момчиња. Групата е заробена длабоко во пештерата повеќе од две недели.
Вчера имаше гласни овации кога вршителот на должноста, гувернер на тајландската држава Чианг Раи, Наронгсак Осатанакорн, објави дека првите момчиња биле изнесени.
Четирите спасени момчиња веднаш беа однесени со хеликоптер во болницата во Чианг Раи, каде што нивната здравствена состојба беше опишана како „не толку лоша“.
На семејствата не им било кажано кои од нив се спасени.
Сложената и екстремно опасна спасувачка операција беше суспендирана откако првата група момчиња и нуркачи излегоа од пештерата, давајќи им на спасувачите време да ги надополнат резервоарите со кислород кои се чуваат во пештерата. Групата е заглавена околу 4 километри во внатрешноста.
Во меѓувреме, повторно почнаа монсунските дождови, зголемувајќи го нивото на водата и предизвикувајќи пад на нивото на кислород во пештерата.
Тринаесет меѓународни и пет тајландски нуркачи се вклучени во спасувачките напори. Тие се сметаат за едни од најискусните нуркачи во светот, но операцијата е голем предизвик дури за вакви експерти.
Вчера почина поранешниот припадник на тајландската морнарица, Саман Гунан, кој поставувал резервоари со кислород во пештерата.
Момчињата никогаш не нуркале, а некои дури и не знаат да пливаат. По двајца нуркачи им помагаат на секое од момињата да се пробијат низ тесните тунели полни со каллива вода. На нуркачите им требаат околу осум часа да влезат во пештерата, да стигнат до момчињата и да се вратат назад.
Нуркачите донесоа и емотивни писма за семејствата кои биле напишани од некои од заробените момчиња.
Facebook Forum