Линкови за пристапност

Затворски казни за обвинетите за обид за убиство на Зијадин Села


Вкупно 81 година затвор им беше изречен на седуммината обвинети во овој судски процес. Тие се осудени на казни од 10 и пол до 13 и пол години затвор. За делото за кое се товареа во Кривичниот законик се пропишани казни од 5 до 15 години затвор

СКОПЈЕ - „Виновни се бидејќи со умисла се обиделе од живот да го лишат пратеникот Зијадин Села“ рече судијката Славица Андреевска образложувајќи ја пресудата за седуммината обвинети за обидот за убиство на Лидерот на Алијансата за Албанците (АА), Зијадин Села за време на „крвавиот четврток“.

Највисоки казни им беа изречени на обвинетите Никола Војминоски и Александар Јаневски – Тошта кои се осудени на тринаесет и пол односно на тринаесет години затвор.

„Војминовски и Јаневски го извлекле пратеникот Зијадин Села од местото каде што се наоѓале и другите пратениците и им овозможиле на другите обвинети да го тепаат оштетениот. Тоа е услов без кој не можело да биде сторено кривичното дело. Дополнителна тежина на делото му дава и тоа што обвинетите Војминовски и Јаневски делото го сториле против избран функционер кој тогаш бил на своето работно место“, рече судијката Андреевска.

Обвинетиот Кире Ѓерогиевски, за кого судијата потенцираше дека му го задал последниот удар на Села пред Клубот на пратеници, е осуден на 11 години затвор.

Останатите четворица обвинети, Коста Делов, Андреј Мицов, Николче Димитриевски иОливер Ошавковски се осудени на десет и пол години затвор.

Обвинетите мирно ја сослушаа пресудата без бурни реакции и негодувања.

По изрекувањето на пресудата обвинителот Дарко Јакимовски побара на осудените да им се продолжи мерката притвор и куќен притвордо стартот на издржување на казната.

„Со оглед на тоа што на обвинетите веќе им е изречена казна но и со оглед на големината на казните постои опасност истите да избегаат но и да го повторат кривичното дело“, рече Јакимовски.

Судот го прифати неговото барање и одлучи на петмина од обвинетите да им биде продолжена мерката притвор, а на двајца куќен притвор.

Адвокатите на обвинетите најавија жалби на пресудата.

Во текот на судскиот процес двајца обвинети, Стојан Павлевски и Цејо Георгиевски ја признаа вината и за нив постапката беше одвоена. Павлевски беше осуден на три години затвор додека Героргиевски на една година и два месеци. На стартот на судењето на обвинителната клупа беа вкупно десетмина но обвинителот Дарко Јакимовски пред завршните зборови го повлече обвинението против Сашо Сенков поради недостиг на докази.

Зијадин Села не беше присутен во судската сала при изрекувањето на пресудата.

Ова е втор процес каде се суди за директен напад врз пратениците за време на „крвавиот четврток“. Претходно Панче Ангелов, кој беше обвинет за нападот на министерката за одбрана, Радмила Шеќеринска, беше осуден на четиригодишна затворска казна.

На 22 август треба да почне најголемиот судски процес за настаните од 27 април каде се обвинети вкупно 30 лица кои се товарат за терористичко загрозување на уставниот поредок и за помагање. Меѓу обвинетите се петмината пратеници - Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Јохан Тарчуловски и Љубен Арнаудов од ВМРО-ДПМНЕ и Љупчо Димовски од Социјалистичката партија. Покрај нив, обвинет е и поранешниот министер за внатрешни работи, Митко Чавков, како и организаторите на протестите „За Заедничка Македонија“, Борис Дамовски, Игор Дурловски, Владо Јовановски и Богдан Илиевски.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG