Линкови за пристапност

Столтенберг: Вратата на НАТО е отворена, исполнете ги обврските


„Вратата на НАТО е отворена, а вие сте на прагот. Сакаме да ја видиме Македонија во стабилен и просперитетен регион“, порача генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, на денешната заедничка прес-конференција со премиерот Зоран Заев.

Тој изјави дека очекува лидерите на земјите членки на НАТО, на Самитот на 11 и 12 јули, да и` врачат покана на Македонија за старт на претпристапните преговори.

Во своето обраќање, Столтенеберг го поздрави договорот меѓу Македонија и Грција, оценувајќи го како огромно постигнување и пример за другите во регионот.

„Проблемот за името беше сенка над регионот долго време, но сега договорот е пример за сите на соработка“, рече тој.

Генералниот секретар на Алијансата го повтори условот кој беше соопштен во понеделникот, односно успешен референдум и финализирање на договорот меѓу Македонија и Грција.

„Очекувам граѓаните на Македонија да ја препознаат шансата и да ја искористат. Откако ќе бидат завршени сите обврски од договорот за името ќе станете член на НАТО. Без исполнување на договорот нема да може да станете дел од НАТО“, дециден беше Столтенберг.

Тој ги објасни чекорите кои би уследиле откако Македонија ќе ја добие поканата за старт на преговорите.

„ Откако ќе ги завршиме пристапните преговори и ќе биде затворен договорот за името, тогаш земјата ќе стане полноправна членка“, рече Столтенберг.

Премиерот Зоран Заев пак, повика да се гласа позитивно на референдумот.

„Македонија изгради мостови за решавање спорови со соседните земји. Договорот со Грција го откочи процесот за конечно да станеме дел од НАТО. Чекор по чекор, за само една година нашата земја го постигна она што никој не можеше да го предвиди. Сега имаме за што да се обединиме. Да кажеме „да“ за нашата иднина“, рече Заев по средбата со Столтенберг.

Тој истакна дека нашата држава од 2008 година активно учествува во мисиите на Алијансата.

„Го видовме местото каде треба да биде подигнато нашето знаме како 30-та членка на Алијансата. Тоа го чекаме од 2008 година, кога беше констатирано дека ги постигнавме стандардите. Оттогаш активно учествуваме на мисиите на НАТО за сузбивање на глобални терористички и ектремистички закани. Припадниците на АРМ добиваат доверба да бидат главни актери во сериозни безбедносни предизвици. Со мисиите растеа капацитетите на Армијата“, рече Заев на заедничката прес-конференција.

Премиерот соопшти дека со договорите со Бугарија и со Грција конечно бил откочен процесот за прием во Алијансата.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG