Линкови за пристапност

Иванов го извести Собранието:„Договорот не го потпишувам“


Gorgr Ivanov
Gorgr Ivanov

Според Претседателот, договорот со Грција е кривично дело. Спикерот Џафери ќе го врати договорот на повторно гласање во Парламентот. Премиерот Заев ја понуди својата оставка доколку референдумот биде неуспешен

СКОПЈЕ - Претседателот Ѓорге Иванов денеска и официјално го информираше Собранието дека останува на својот став и нема да го потпише указот на Законот за ратификација на конечната спогодба за надминување на спорот за името меѓу Македонија и Грција, што Собранието го изгласа минатата среда. Во писменото известување до Парламентот тој наведе пет причини зошто останува на ставот и не го потпишува указот истовремено нагласувајќи дека договорот преставува кривично дело за кое е предвидена казна од најмалку пет години затвор. Образложувајќи ја својата одлука Иванов наведува дека смета оти со непотпишувањето на указот работи согласно Уставот и во интерес на државата.

„Еден од столбовите на мојата политика во изборната програма од 2014 година е дека не прифаќам промена на Уставот со цел промена на уставното име. Не прифаќам идеи или предлози што би ги загрозиле македонскиот национален идентитет, посебноста на македонската нација, македонскиот јазик и македонскиот модел на соживот. На претседателските избори 534.910 граѓани гласаа за оваа моја изборна програма и ме избраа на функцијата Претседател на Република Македонија“ е наведено како прва причина во писмото на претседателот Иванов.

Претседателот смета дека спогодбата излегува надвор од опфатот на резолуциите 817 и 845, но и дека не била ратификувана во согласност со уставот, однсоно со членовите 51, 118 и 119. Исто така како причина е наведено и дека со ова Македонија се доведува во положба на потчинетост и зависност спрема Република Грција, за што членот 308 од Кривичниот законик пропишува минимална затворска казна од пет години.

„Озаконувањето на оваа спогодба создава правни последици што се основа за кривично дело“ стои на крајот од писменото известување на претседателот Иванов.

Според законските прописи на спикерот Џафери, по известувањето од Иванов, почна да му тече рокот од 30 дена во кој мора договорот повторно да го стави на гласање во Собранието.

Според извори во Собранието, седницата ќе биде закажана до крајот на оваа недела. Доколку законот повторно е изгласан претседателот е должен да го потпише.

Познавајќи дека тој ќе остане на ставот, непотпишувањето, односно кршењето на уставот со непотпишувањето ќе биде основата за покренување на постапката за импичмент која ја најави владеачкото мнозинство. Сепак за тоа е потребно двотрентинско мнозинство во Парламентот, нешто што е малку веројатно во моментов.

Од Владата соопштија дека одлуката на Иванов била очекувана инема да влијае на имплементацијата на договорот за името.

„Што се однесува до одлуката на Иванов истата беше очекувана, но таа не влијае на чекорите односно имплементацијата на фазите од договорот. Владата на Република Грција веќе ги испрати писмата до ЕУ и НАТО“, велат од Владата и додаваат дека референдумот ќе биде обврзувачки за сите политички субјекти.

Премиерот Зоран Заев денеска испрати писма до премиерите на земјите членки на Европската Унија (ЕУ) во кое ги повика да ја поддржат одлука за старт за пристапни преговори на Република Македонија со ЕУ со временска рамка на процесот, како одлука заснована на заслуги, и како одлука која е одамна заслужена. Тој вчера најаваи дека доколку референдумот за кој е убеден дека ќе успее, не помине кај граѓаните, веднаш ќе даде оставка од функцијата премиер на Република Македонија.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG