Линкови за пристапност

Прием во НАТО само ако биде успешен референдумот


Неизвесно е дали Македонија ќе добие датум за старт на преговорите со ЕУ на претстојниот самит во Брисел. Грција денеска ќе ги испрати писмата до ЕУ и НАТО. Премиерот Заев убеден дека рефренедумот ќе биде успешен

Македонија ќе стане членка на НАТО, само доколку референдумот биде успешен и граѓаните се изјаснат позитивно околу договорот со Грција за решение на спорот со името. Ова денеска го изјави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој ги прецизираше условите за Македонија да добие покана или доколку референдумот не успее, тој не гледа како би можело да се покани земјата да биде членка.

„Очекувам шефовите на држави и влади да се договорат за пристапни преговори, потоа ќе можеме да ја поканиме ПЈР Македонија да стане полноправна членка доколку Договорот се финализира. Финализирање, значи целосна ратификација, референдум и позитивно гласање, ако тоа се случи оптимист сум. Ова е историски Договор кој пружа историска прилика на ПЈРМ да стане членка, и ги повикувам луѓето во земјата да ја зграпчат оваа прилика и да го поддржат Договорот. Ако не се поддржи Договорот не гледам како е можно да се покани земјата. Ова е единствена прилика и треба да се зграпчи“, рече Столтенберг.

Самитот на НАТО ќе се одржи на 11-ти и 12-ти јули во Брисел и се` поизвесно е дека Македонија ќе добие покана, но се` ќе зависи од референдумот по кој би се рaтификувале одлуките на членките на Алијансата.

Самитот на ЕУ кој ќе се одржи во четврток и петок во Брисел, е клучен околу стартот на преговорите за пристап на Македонија во Унијата. Грција, според договореното денеска или најдоцна утре, ќе ги испрати писмата до ЕУ и НАТО, во кои потврдува дека не се противи за европска и евро-атлантска интеграција на Македонија.

Во моментов, Франција, Данска, Холандија и Белгија се отворено против проширување на ЕУ и старт на преговори со Македонија и Албанија. На оваа линија беше и Германија, но се` поизвесно е дека курсот ќе биде сменет и ќе застане зад Македонија.

Шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас, изјави дека Македонија мора, и треба да добие датум.

„Им кажав на моите колеги дека можат да бидат колку што сакаат строги. Но, ние мора да не ја блокираме перспективата. Се плашам дека ако не се даде датум за пристапни преговори за Северна Македонија, сите напори што ги направивме со големи жртви и компромиси од двете страни, би можеле да бидат ставени во опасност, вели Коѕијас во интервјуто за „Еурактив“.

Тој потенцираше дека тоа била „најдобрата вест во Европа во последните пет години и нагласи дека сега веќе постои една друга линија за поделба во двете земји, наместо досегашната поделба меѓу Скопје и Атина, има поделба на оние што сакаат и оние кои што се против решение.

„Верувам дека Заев нема да подлегне на притисоците.Тој е многу поотпорен отколку што изгледа на прв поглед“, рече Коѕијас.

Референдумот, кој е клучен во патот на Македонија кон НАТО и ЕУ, според најавите, ќе се одржи кон крајот на септември или почетокот на октомври. Премиерот Заев, во неколку наврати викендов истакна дека е убеден дека ќе биде успешен.

„Јас сум непоправлив оптимист како што знаете и верувам дека референдумот ќе успее, а тоа ќе значи успех за секој граѓанин на Македонија. Но, како и да е, ние како Влада јасно ќе го образложиме својот став пред референдумот. Дали тоа ќе имаат аргументи и храброст да го направат и другите политички субјекти ќе видиме. Ама зборот на граѓаните ќе мора да го почитуваат сите, и претседателот Иванов, и опозицијата, и ние како Влада”, изјави премиерот Заев.

Според најавите, неделава Собранието ќе ја почне процедурата за комплетирање на Државната изборна комисија (ДИК), а се очекува и група пратеници и официјално да го поднесат барањето за референдум. Засега се` уште не е прецизирано дали ќе биде консултативен или задолжителен, а според експертите, единствена пречка претставува високиот праг на цензус и евентуалниот бојкот од граѓаните.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG