Линкови за пристапност

Одобрено обвинението за „крвавиот четврток“, пратеници ќе одговараат за тероризам


На обвинителната клупа ќе седат петмина пратеници, поранешниот министер за внатрешни Митко Чавков, организаторите на протестите „За Заедничка Македонија“ и полициски службеници

Советот за оценка во скопскиот Кривичен суд, го одобри обвинителниот акт на Јавното обвинителство околу насилствата во Собранието на 27-ми април минатата година, познат како „крвавиот четврток“. Со обвинението се опфатени вкупно 30 лица, од кои 28 се товарат за терористичко загрозување на уставниот поредок, а двајца ќе одговараат за помагање.

„По детално разгледување на сите приговори поднесени од одбраната и обвинетите како и ценење на фактите и доказите приложени во обвинителниот акт, донесе решение со кое го одобри обвинителниот акт во целост“, соопштија од Кривичниот суд.

На обвинителната клупа ќе седнат петмината пратеници - Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Јохан Тарчуловски и Љубен Арнаудов од ВМРО-ДПМНЕ и Љупчо Димовски од Социјалистичката партија. Покрај нив, обвинет е и поранешниот министер за внатрешни работи, Митко Чавков, како и организаторите на протестите „За Заедничка Македонија“, Борис Дамовски, Игор Дурловски, Владо Јовановски и Богдан Илиевски.

Според Обвинителството, обезбедени се докази дека обвинетите извршувале повеќе усогласени дејства за насилство, влегување и вршење насилство во Собранието, од различни позиции и во содејство и координација да се оневозможи понатамошно функционирање на парламентарното мнозинство и на Собранието на РМ.

Засега не е закажан стартот на судскиот процес. Од судот велат дека деновиве преку системот за распределување „АКМИС“, предметот ќе биде доделен на судија кој треба да одреди датум за почеток на судењето. Со оглед дека станува збор за притворски предмет можно е да почне летово.

Адвокатите на дел од обвинетите негодуваа што седницата за оцена на обвинителниот акт беше одржана зад затворени врати и беше исклучена јавноста. Тој изјавија дека допрва ќе ги анализираат образложенијата на судот и додадоа дека веќе поднеле приговори за правната квалификација на делото и доказите.

Иако обвинението е поднесето и прифатено, засега нема одговор кој е нарачателот на насилствата од „крвавиот четврток“. Во обвинението во кое стои и дека имало обид за убиство на тогашниот лидер на СДСМ, Зоран Заев, е наведено дека организатор на насилствата и упадот на толпата во Собранието, бил Александар Василевски, познат како „Нинџа“. Од Обвинителството велат дека истрагата трае и дека се` уште се утврдува кој го упатил клучниот повик од службен телефон од Виена до Василевски со кој бил даден знак да почнат насилствата.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG