Линкови за пристапност

Заев и Иванов во отворен судир, ќе има ли импичмент за претседателот?


Премиерот најави, претседателот го повика да ја почне процедурата за импичмент. Претседателски потпис на договорот нема да има. Експертите сметаат дека доколку има двотретинско мнозинство за промена на устав ќе има и за импичмент на претседателот

Премиерот Зоран Заев најави отворање на постапка за импичмент на претседателот Ѓорге Иванов, поради непотпишување на договорот за решение на спорот со името.

Од канцеларијата на престедателот доби експресен одговор: „почни ја постапката веднаш“. Раздорот меѓу претседателот и премиерот кулминираше откако стана јасно дека договорот ќе остане на бирото на Иванов до крајот на неговиот мандат.

Премиерот Заев вчера најави дека ќе стори се` што е во негова моќ, да ја спречи блокадата на Иванов околу договорот со Грција и како опција ја најави постапката за импичмент, којашто би била активирана доколку референдумот што треба да се одржи кон крајот на септември биде успешен. Во тој случај би се работело на окрупнување на парламентарното мнозинство неопходно за старт на постапката која предвидува согласност од две третини од парламентарниот состав.

„Има желба за окрупнување на парламентарното мнозинство и тоа ќе го направиме исклучиво за импичмент на претседателот, ако мораме. Граѓаните се тие што ќе решат дали сакаат промена на името, но ако на референдумот договорот се прифати, никој нема право да го попречува нивното мислење. Јас немам намера да работам на тоа, во моментов имам попаметни работи, но сѐ што е парламентарна демократија ние ќе го искористиме да дојдеме до таа можност граѓаните да одлучат за иднината. И на таа одлука ќе мора сите да ѝ се поклониме и да ја испочитуваме до крај“, рече премиерот Заев.

Од кабинетот на Иванов денеска излегоа со соопштение во кое се наведува дека одлукатата на претседателот околу договорот со Грција останува без разлика на притисоците од премиерот. Оттаму го повикаа Заев веднаш да почне со процедурата.

„Го повикувам Заев со истото двотретинско мнозинство кое е неопходно за менување на Уставот на Република Македонија, веднаш да покрене постапка за утврдување на одговорност на претседателот на Републиката, односно импичмент. Мојот став во однос на штетниот договор за името е конечен и останува непроменет и покрај сите искажани закани и притисоци“, стои во писмената изјава на претседателот Иванов.

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски смета дека најавата за импичмент е еден вид на притисок врз претседателот Ивнов и дека не станува збор за блефирање од премиерот

„Импичментот е дополнителен притисок врез претседателот. Сметам дека не е невозможно. Доколку премиерот успее да собере двотретинско мнозинство за промена на Уставот, тогаш не гледам зошто истото тоа мнозинство не би гласало и за импичмент“, вели Арсовски.

Според Арсовски, Иванов отворил „војна“ со премиерот по најавата дека нема да го потпише договорот и напуштањето на состанокот во претседателската вила. Тој додава дека Владата нема други опции.​

„Импичмент или чекање до новите претседателски избори, смена на Иванов и потпис на договорот од новиот претседател. Тоа се опциите кои се во игра“, вели Арсовски.

Доколку Заев успее да го собере мнозинството, тој смета дека импичментот ќе помине во Уставниот суд.

„Иванов го крши Уставот и затоа е импичментот. Не гледам зошто Уставниот суд би се произнесол поинаку од парламентарното мнозиство“, смета Арсовски.

Според законската регулатива, за импичмент на претседателот на Република Македонија е потребно двотретинско мнозинство во Паралментот и просто мнозинство во Уставниот суд кој брои девет члена.

Обид за импичмент на претседателот Иванов имаше во 2016-та година, веднаш по аболицијата на 56 лица кои беа осомничени во т.н.„бомби“. Парламентарната група на тогашната опозициска СДСМ, бараше да се отпочне процедурата, но нивниот предлог беше разгледан и оценет како неоснован од страна на членовите на собраниската Комисија. По петдневна расправа во Собранието, со 35 гласа „за“ и 47 „против“, пратениците не го усвоија предлогот за покренување постапка за утврдување одговорност на претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов за аболицијата на 56 политичари и нивни соработници.

Односите и комуникацијата меѓу претседателот Иванов и премиерот Заев никогаш не беа пријателски или барем во нормални рамки. Претседателот во март минатата година одби да му го врачи мандатот на Заев за формирање на влада барајќи гаранции за зачувување на унитарноста на државата и отфрлање на т.н. „Тиранска платформа“. Мандатот му го додели два месеца подоцна, на 17-ти мај во вилата на Водно, во навидум процедурална атмосфера.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG