Линкови за пристапност

ВМРО-ДПМНЕ гласаше „против“, па ја напушти седницата


Се очекува договорот да ги помине собраниските процедури најдоцна до петок

Надвор протести... Внатре остра дебата...Таква беше атмосферата во и пред Собранието кое денеска ја почна процедурата за ратификација на договорот за името кој пред два дена беше потпишан во Преспа. Парламентот, со 69 гласа „за“ и 40 „против“, ја утврди потребата од донесување на закон за ратификација – шефот на дипломатијата објасни зошто ќе се оди по скратена постапка.

„Јунскиот совет е пред нас, министрите за надворешни работи на земјите-членки ќе заседаваат на 25-ти и 26-ти јуни, а Самитот е на 28-ми јуни. Овие датуми се клучни за европската перспектива на нашата земја и зависат од ратификацијата на спогодбата“, изјави министерот за надворешни работи Никола Димитров.

Пред пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да ја напуштат собраниската сала , пратеникот Драган Донев, рече дека ваквата ситуација за нив е неприфатлива.

„Ова е незаконска процедура и ние како пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, нема да учествуваме во оваа правна лакрдија“, рече тој.

Пред парламентот продолжи протестот, кој не беше масовен.

„Не планираме да бидеме соучесници на носењето на штетни договори за Република Македонија кои што државата ја донесуваат во потчинета состојба, а истовремено тоа да се прави на еден недемократски начин со прекршување на законите на Уставот и на Деловникот“, рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски.

Договорот се разгледува пред Комисијата за европски прашања и законодавно-правната комисија. Потоа, текстот пак оди на пленарна седница каде се ратификува со мнозинство од присутните пратеници – најмалку 61. Се очекува договорот да ги помине собраниските процедури најдоцна до петок.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG