Линкови за пристапност

„Република Северна Македонија“ е решението на спорот со Грција


Договорот предвидува потврда на македонскиот јазик во Обединетите Нации а националноста македонска како граѓани на Република Северна Македонија. Кодовите за Македонија остануваат непроменети - „МК“ и „МКД“. По потпишувањето на договорот следи ратификација во македонското Собрание

„Република Северна Македонија“, за севкупна употреба, со признат македонски јазик и идентитет, е договорот кој го постигнале премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас, и договор со кој треба да се стави крај на две ипол деценискиот спор околу името.

„Се осмеливме, затоа што не ни` беше сеедно, затоа што не сакаме порази, сакаме победи. Ние се определивме за иднина. Затоа имаме успех и стигнавме денес тука. Имаме историско, вековно решение. Нема веќе ФИРОМ. Нема веќе меѓународни договори во кои се избегнува македонскиот јазик. Свои сме на своето и тоа конечно е признато од сите наши соседи, од Република Грција и од меѓународната заедница. Овој договор го потврдува и зајакнува македонскиот етнички и културен идентитет, еднаш засекогаш“, беа зборовите на премиерот Заев на почетокот на прес-конференцијата одржана попладнево, на која беше официјално потврдено дека договор со Грција е постигнат.

Заев нагласи дека добивката е зајакнат идентитет и гаранција за безбедност, стабилност и просперитетна иднина на граѓаните и додаде дека новото име е достоинствено и географски прецизно. „Република Северна Македонија“, со превод, на сите јазици, ќе биде за севкупна употреба, а ќе се прецизира со амандман во Уставот. Договорот предвидува потврда на македонскиот јазик во Обединетите Нации, а националноста, македонска, како граѓани на Република Северна Македонија. Кодовите за Македонија остануваат непроменети - „MK“ и „MKD“, но регистарските таблички ќе бидат сменети.

„Последниот збор ќе го имаат граѓаните на референдум“, рече Заев но не прецизираше дали референдумот ќе биде задолжителен или консултативен што би играло голема улога доколку тој биде неуспешен

Премиерот најави дека утре ќе се сретне со претседателот Иванов и лидерот на опозицијата и ќе им ја презентира содржината од договорот и уште еднаш ја побара нивната поддршка.

Заев ги најави следните чекори, потпишувањето на договорот и ратификацијата во македонското Собрание. Потоа, според договореното, Грција треба да испрати писмо до Генералниот секретар на НАТО, и да го извести дека меѓу двете земји веќе нема спор и нема пречки Македонија да добие покана за членство во НАТО. Грција ќе испрати писмо и до претседателот на Европскиот Совет, со кое ќе препорача датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ.

„Силно веруваме дека Европскиот Совет на 28-ми јуни, ќе донесе одлука за почеток на преговорите со Македонија и дека на Самитот на НАТО на 12-ти јули во Брисел, Македонија ќе добие покана за полноправно членство како 30-та членка на Алијансата“, рече Заев.

Тој нагласи дека членството во НАТО и ЕУ ќе биде гаранција за стабилност и безбедност на државата и економски просперитет, нешто што им е неопходно на граѓаните и идните генерации

Ова е капитуалција, а не епохален успех

„Јас како граѓанин, како Христијан Мицкоски, на референдумот ќе гласам против измени во Уставот за промена на името на државата“, рече лидерот на опозицијата на прес-конференцијата во седиштето на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ.

Со остар тон, Мицкоски го соопшти ставот на партијата, дека станува збор за капитуалција и прифаќање на сите грчки барања, а не епохален успех кој премиерот Заев се обидувал „шверцерски“ да го протне во Собранието и јавноста. Тој нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот и нема да поддржи какви било измени во Уставот.

„Во суштина, навестениот, таканаречен договор, е прифаќање на сите грчки позиции, и во својата основа не може да се нарече ништо повеќе од таканаречен договор. Ако постигнатиот таканаречен договор на Зоран Заев е прифаќање на промена на Уставот, и внатрешна и надворешна употреба на новото име, тогаш тоа е договор на Зоран Заев за капитулација“, рече Мицкоски.

Во однос на планираниот референдум, од ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека тие бараат тој да биде задолжителен, а не консултативен.

Мицкоски го критикуваше премиерот дека преговорите ги држел во тајност и дека ја исклучил опозицијата, го обвини за егзибиционизам и неспособност. Во своето обраќање тој потенцираше дека целта на ВМРО-ДПМНЕ е во НАТО и ЕУ, но напредокот и интегрирањето мора да биде ценето по „мерит систем т.е. по сработената работа, а не по предавствата и капитулациите“. Мицкоски го оспори правото на премиерот Заев да го потпише договорот со Ципрас.

Договорот става крај на иредентизмот и прави јасна дистинкција

Грчкиот премиер Алексис Ципрас, очекувано, имаше телевизиско интервју во исто време како и премиерот Заев, а во десет минутното обраќање соопшти дека промената на името ќе се имплементира како во меѓународните, така и во билатералните односи и во внатрешноста и додаде дека се прави јасна разлика меѓу „грчката Македонија и северниот сосед“, а воедно се става конечен крај на иредентизмот во уставното име. Ципрас рече дека во македонскиот Устав ќе се направат промени што се однесуваат на се` она што би можело да се толкува како иредентистичко.

„Нашите соседи ја преземаа обврската за уставна ревизија која предвидува промена на нивното уставно име. Се елиминираат наводи за македонското малцинство, како и потребата за нивна заштита. Се заменува членот за заштита на границите со елиминација на денешните проблематични наводи“, рече Ципрас во обраќањето.

Грчкиот премиер изјави дека договорот отвора прозорец кон иднината, прозорец на солидарност, пријателство, соработка, просперитет и развој меѓу двата народа.

Грчката опозиција остана на ставот дека зборот „Македонија“ не смее да биде содржан во името на нашата држава. Лидерот на опозициската Нова демократија Кирјакос Мицотакис, смета дека станува збор за лош договор спротивен на ставот на мнозинството Грци. Тој го обвини Ципрас дека нема политички легитимитет и дека води тајна дипломатија и го повика да не го потпише договорот.

„За суштината на договорот и врз основа на она што засега го знаеме и го слушнавме од господинот Ципрас, имам да го кажам само следното: Прифаќање на македонски јазик и македонска националност се неприфатлива национална отстапка“, рече Мицотакис.

Меѓународната заедница со честитки за постигнатиот договор

Медијаторот Метју Нимиц, кој 24 години работеше на решавање на спорот, изјави дека му било чест да ја има улогата на олеснувач, го поздрави договорот и им честиташе на премиерите и на министрите за надворешни кои ги водеа преговорите.

„Топло ја поздравувам најавата на премиерите Ципрас и Заев за заедничко прифатливо решение за спорот за името. Сакам да им честитам на двете страни што постигнаа успешен договор за решавање на разликите меѓу нив. Не се сомневам дека овој договор ке ја подобри соработката меѓу двете соседни земји, а посебно меѓу луѓето. Сакам да им честитам и на двајцата министри Димитров и Коѕијас кои демонстрираа лидерство, визија и посветеност во преговарачкиот процес и никогаш не се откажаа од своите напори да постигнат заедничко решение“, напиша Нимиц.

Од Брисел пак, честитките пристигнаа во форма на заедничка изјава на еврокомесарите за надворешна политика и за проширување Федерика Могерини и Јоханес Хан.

„Сесрдно им честитаме на премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрасза нивната определба и лидерство во постигнувањето на овој историски договор меѓу нивните земји, што придонесува за трансформација на целиот регион на Југоисточна Европа. Ова достигнување им припаѓа на лидерите на двете земји и нивните тимови, но првенствено им припаѓа на сите граѓани на двете земји и на Европа како целина. Заедно, ние сега мораме добро да го искористиме прозорецот на можности што беше отворен за да ги поддржиме мирот и соработката во целиот регион“, се вели во заедничката изјава.

Тие потврдија дека Македонија треба да ги почне предпристапните преговори со Унијата.

„Сега очекуваме Советот да ја потврди нашата препорака од 17-ти април за отпочнување на преговори за пристап со Поранешната Југословенска Република Македонија во јуни. Ова не само што е заслужено, како признание за значителните реформски резултати на земјата, туку ќе придонесе за целосна имплементација на договорот, во интерес на двете земји, регионот и нашата Унија како целина“, стои во изјавата.

По прашањето се огласи и Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, кој го поздрави договорот и повика да се финализира.

„Топло го поздравувам договорот меѓу премиерот Ципрас и премиерот Заев за решение за спорот за името. Овој историски договор сведочи за многугодишна трпелива дипломатија и волја на двајцата лидери да решат спор кој предолго го засега целиот регион. Сега ги повикувам двете страни да го финализираат договорот постигнат од страна на лидерите“, изјави тој.

Столтенберг нагласи дека овој договор ќе го стави Скопје на „патот на членство во НАТО“, што може да се протолкува како директна покана за нашата држава на Самитот кон средината на идниот месец.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG