"Утрешниот разговор со грчкиот премиер Ципрас е клучен, јас сум оптимист и мислам дека може да постигнеме договор", соопшти премиерот Зоран Заев на гостувањето во телевизија „Телма“. Сепак, тој не откри повеќе детали околку евентуалниот договор поради принципиелниот однос кон другата страна.
„Разговаравме еден час, се работи за историски договор за нешто што е вредно да го има целото наше внимение. Остана утре повторно да се слушнеме, надевајќи се дека е можно да го направиме исчекорот. Јас сум оптимист и веројатно мојот оптимизам ќе се оствари. Се надевам дека тоа ќе биде утре. Нашата цел е да добиеме фер договор кој ќе го јакне нашиот идентитет и нашата посебност“, рече Заев.
Доколку се постигне договор, Заев најави дека тоа ќе соопштат истовремено двајцата премиери.
Тој потврди дека следен потег би била ратификацијата во Собранието и најави дека референдумот на кој граѓаните би се изјасниле би се одржал кон крајот на септември или почетокот на октомври. Премиерот откри дека во текот на преговорите се инсистирало референдум да се одржи само во Македонија.
„Кога ќе ги соопштиме сите детали, граѓаните ќе знаат дека договорот е фер и немам дилеми“, рече Заев.
Премиерот нагласи дека очекува поддршка од претседателот Иванов и опозицијата, бидејќи во спротивно тоа би значело спречување на влезот на Македонија во НАТО и ЕУ.
„Убаво би било сите политички чинители да стоиме заедно по вакво прашање. Очекувам позитивен аспект и од опозицијата. Јасно е дека и тие се за НАТО и ЕУ“, изјави Заев.
Грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас вечерва, во интервју за грчката телевизија „Контраченел“, коментирајќи го телефонскиот разговор меѓу двајцата премиери, соопшти дека денеска бил направен решителниот чекор и дека доколку дојде до ратификација на договорот Грција ќе даде „зелено светло“ за прием на Македонија во ЕУ и НАТО. Тој нагласи дека „преговорите не се права линија, тргнавме и одиме на маратон“ и побара трпение и трезвеност.
„Штом го имаме ратификувано договорот, да се надеваме дека ќе го имаме, од нивното Собрание, како ратификувани и прашањата што ги имаме со Албанија, ние со големо задоволство ќе дадеме ОК за да тргнат по нивниот европскиот пат. Секако, доколку ги имаме навистина решено сите проблеми, се надевам дека утре ќе завршиме, ние треба да помогнеме и да ги поддржиме овие земји на нивниот европски пат“, изјави Коѕијас.
Шефот на грчката дипломатија, рече дека македонскиот јазик „не е нешто што го дава или го зема Грција, затоа што тоа е нешто што е веќе дадено од Обединетите Нации“.
САД пред неколку дена повторно јасно го соопштија својот став, а тоа е дека ги поддржуваат актуелните преговори под водство на ОН за проблемот околу името за Македонија, нагласувајќи ја поддршката за решение на ова дологорочно несогласување.
„Се надеваме дека лидерите на Македонија и Грција ќе најдат заедничко прифатливо решение за проблемот со името, што ќе биде во интерес на евроатлантската интеграција, економскиот просперитет, мирот и стабилноста во регионот“, соопшти Стејт департментот за Гласот на Америка на македонски јазик.
Американската администрација е децидна дека доколку Македонија и Грција постигнат решение за прашањето за името, приемот во НАТО би требало да биде само формалност.
„Алијансата јасно кажа дека Македонија ги исполнува условите, освен името, и дека штом тоа се среди, ние сакаме земјата да стане полноправен партнер. САД го поддржуваа приемот на Македонија и секако се надеваме дека тоа може да се случи на овој Самит, но, тоа зависи од финалните преговори меѓу двете земји“, изјави Кеј Бејли Хатчисон, амбасадорка на САД во НАТО.
Доколку преговорите не завршат успешно, Хатчинсон потенцираше дека поддршката на САД ќе продолжи, исто како и блиската соработка на двете држави.
Facebook Forum