Поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, е прогласен за виновен во случајот на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) познат во јавноста како „Тенк“ кој се однесува на набавката на луксузниот блиндиран „мерцедес“ и осуден на две години затвор. Поранешниот помошник министер во МВР Ѓоко Поповски, првообвинет во случајот, исто така беше прогласен за виновен и осуден на шест ипол години затвор.
Груевски беше обвинет за примање награда за противзаконско влијание, додека Поповски за злоупотреба на службената положба и овластувања. Во овој случај, на обвинителната клупа беше и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, на која поради ризична бременост и е раздвоена постапката и ќе и се суди одвоено.
Според Кривичниот закон за делото за примање награда за противзаконско влијание, е пропишана затворска казна од една до три години.
Во завршните зборови, на минатото рочиште, Груевски рече дека станува збор за политички мотивиран процес кој претстваува класична хајка против него и неговите соработници.
Судијката Добрила Кацарска образложувајќи ја пресудата, цитираше делови од прислушуваните разговори и истакна дека Груевски побарал од Гордана Јанкулоска да спроведе јавна набавка за мерцедесот, а таа пак го потикнала Ѓоко Поповски да ја фаворизира компанијата „Мак Ауто Стар“ од каде е набавено возилото вредно 580 илајди евра.
Груевски не беше во судницата при изрекувањето на пресудата, а неговите адвокати немаа одговор каде е во моментот.
Тие најавија жалба на пресудата до повисоките судски инстанци. На Груевски му е одземена патната исправа уште во текот на истрагата за да се спречи негово евентуално бегство од државата.
Груевски е обвинет во уште четири случаи кои го води СЈО - „ТНТ“ односно рушењето на зградата „Космос“, „Траекторија“ за избор на фирма која ќе го гради автопатот Охрид-Кичево и Миладиновци-Штип, „Титаник“ за нарушување на изборниот процес и за насилствата пред општина Центар.
Додека се изрекуваше пресудата пред Кривичниот суд се собраа педесетина негови приврзаници кои гласно негодуваа на пресудата.
Facebook Forum