Линкови за пристапност

Грција против предлогот „Илинденска“, инсистира на временска или географска одредница


Официјална Атина индиректно го отфрли преглогот на премиерот Заев, оценувајќи го како иредентистички и инсистира на еден од петте предлози на медијаторот Нимиц. Македонската Влада останува на ставот дека „Република Илинденска Македонија“ е добро решение кое ги исполнува барањата на двете држави

„Република Илинденска Македонија“ нема да биде решение на спорот откако Атина, официјално, но индиректно, го одби предлогот со реферeнцата „Илинденска“, со образложение дека е иредентистички. Грција сега инситира на веќе познатите две опции кои содржат временска, односно географска одредница.

Откако грчките опозициски партии веднаш го отфрлија предлогот „Илинденска“ вчеравечер, грчката влада лиферуваше соопштение во кое ја поздрави одлуката на премиерот Заев, со која би се прифатило име за севкупна употреба, односно „ерга омнес“, но истовремено најави дека преговорите продолжуваат под покровителство на медијаторот Метју Нимиц.

Според грчките медиуми, „Горна“ и „Нова Македонија“ се двете опции кои повторно се враќаат на маса, откако официјална Атина вчера соопшти дека треба да се најде заемно прифатливо решение, како што предвидува пакетот од пет предлози на медијаторот Нимиц за кои е познато дека ги содржат овие две одредници.

Грчкиот весник „Та Неа “ пишува дека овие две солуции имаат најголеми шанси, затоа што, иако имаат „негативна тежина“, сепак е далеку помала од „Илинденска“, а тоа е клучно во преговорите меѓу премиерот Ципрас и грчката опозиција и евентуалнот договор.

„Грција се чини дека бара излез во други опции, а конкретно, силното „не“ турка кон почетните предлози што беа доставени, особено Горна Македонија и Нова Македонија, без превод и секако за севкупна употреба. Секако, некои потенцираат дека временската одредница - "Нова" има повеќе шанси“, пишува „Та Неа“.

Медиумите во Грција пишуваат дека преговорите продолжуваат идната недела во Њујорк, речиси од почеток, каде што застанаа министрите Димитров и Коѕијас. На почетокот на идниот месец се очекува нова средба на премиерско ниво, нешто што и Заев и Ципрас го најавија на маргините на самитот во Софија.

Инаку, грчкиот премиер Ципрас вчера имал телефонски разговор со американскиот потпретседател Мајк Пенс, кој според пишувањата на тамошните медиуми, го поддржал во напорите за решавање на спорот и му се заблагодарил на за покажаното лидерство, заедно со она на премиерот Заев, во нивниот обид да го решат деценискиот спор. Според грчката национална телевизија ЕРТ, Пенс соопштил дека ги поддржува предлозите на медијаторот Нимиц за решавање на спорот.

Македонската влада останува на ставот дека предлогот „Република Илинденска Македонија“ е име со временска одредница кое се повикува на конкретни датуми од минатото и е реална можност за компромис кој ги задоволува двете страни.

„Со ова име, правиме целосно разграничување со регионот Македонија во Грција. Разграничување од секој аспект. Илинденското востание е заедничка борба на нашиот мултиетнички народ за социјални права и слободи и нема никакви територијални аспирации спрема ниту една соседна земја, вклучително и Грција. Тоа е истата борба, и во 1903 и во 1944 година“, стои во соопштението на Владата, објавено утрово откако и официјално Атина потврди дека ќе се бара нов предлог.

Вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, смета дека „Република Илинденска Македонија“ е одлична база за решение, бидејќи подразбира временска одредница и покажува дека Република Македонија ниту имала, ниту ќе има територијални претензии.

„Сите елементи во решението одговараат и на очекувањата и на барањата во Македонија и во Република Грција. Тие даваат одговор на нашите национални и државни интереси и го заштитуваат нашиот идентитет. Ќе продолжиме да работиме на решение и да градиме пријателство, заради тоа што сметаме дека овојпат навистина сме многу блиску“, рече Шекеринска.

Таа појасни дека министрите за надворешни работи договориле еден пакет којшто двајцата премиери начелно го потврдиле а тоа било и целта, да се најде решение кое ќе биде позитивно и за Македонија и за Грција.

Околу најавата на премиерот Заев за „ерга омнес“, вицепремиерката Шекеринска изјави дека Македонија е обврзана со пакет решение кое, како што рече, не може да се дроби на парчиња.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG