Линкови за пристапност

Грчкиот Врховен суд го одби барањето за екстрадиција на Грујевски и Бошковски


Грчките судии сметаат дека тие нема да добијат фер судење во Македонија. Двајцата бегалци од тајната полиција ги чекаат уште два процеси во Грција, за фалсификување на исправа и за нивното барање за азил

Поранешниот началник на Петата управа на тајната полиција Горан Грујевски и неговиот заменик, Никола Бошковски, остануват во Грција. Така одлучи грчкиот Врховен суд кој го одби барањето на македонските власти за нивна екстрадиција поради вмешаност во масовното нелегално прислушување.

Според првичните информации, судскиот совет на грчкиот Врховен суд сметал дека тие нема да добијат фер и правично судење во Македонија, а во предвид била земена и одлуката на престедателот Иванов со која тие беа амнестирани и поради тоа одлучил да го одбие барањето за екстрадиција.

Денешната одлука е спротивна на пресудата на судот во Солун, кој на 5-ти јануари го уважи барањето за екстрадиција и одобри двајцата бегалци да бидат испорачани на македонските власти. Бранителите на Грујевски и Бошковски веднаш поднесоа жалби до Врховниот суд на оваа одлука.

Последна инстанца која ќе одлучува за екстрадицијата е грчкиот министер за правда, кој со негова лична одлука може да реши дали двајцата ќе бидат екстрадирани од Грција.

По правосилноста на одлуката на грчкиот Врховен суд, Грујевски и Бошковски ќе бидат пуштени од екстрадицискиот притвор во Солун но нема да смеат да ја напуштат Грција, бидејќи ги чекаат уште два судски процеса. Првиот е за користење на фалсификувани документи со кои беа фатени на солунскиот аеродром, а вториот е за нивното барање за азил.

Поранешниот началник на Петата управа во УБК, Грујевски и неговиот заменик Бошковски, се обвинети во случаите „Тврдина“ и „Таргет“. Истрагата на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), покажа и докажа дека тие биле дел од масовното нелегално прислушување на граѓаните. Исто така, двајцата учествувале и во уништување на опремата, за да се сокријат трагите од нелегалното прислушување.

Горан Грујевски и Никола Бошковски побегнаа од Македонија кон крајот на јули минатата година, откако Врховниот суд ја потврди одлуката за определување на притвор. Истражен судија од Скопскиот кривичен суд, на почетокот на јули, им определи 30 дена притвор, но, тие останаа на слобода и поднесоа жалба до Врховен суд.

Ова беше преседан во македонското правосудство, бидејќи досега ниту едно лице на кое му бил определен притвор не добило можност да ја чека одлуката на Врховен суд на слобода. На 18-ти јули, Врховниот суд ја одби жалбата, а наредбата за нивно приведување беше добиена на 26-ти јули, кога тие веќе беа во бегство. Кога и како ја напуштиле Македонија и дали имале помош за бегството допрва треба да се открие.

Тие беа уапсени кон средината на октомври на солунскиот аеродром во обид да ја напуштат Грција со фалсификувани бугарски пасоши кои гласеа на имињата Христо Атанасов и Неџби Хасан.

Судијката Беговиќ од скопскиот кривичен суд неделава го одложи судењето за масовното нелегално прислушување, случајот „Тврдина-Таргет“, за 19-ти јуни. Во овој предмет покрај Грујевски и Бошковски, обвинети се и Сашо Мијалков и Гордана Јанкулоска.

За уништувањето на опремата и доказите за прислушување, предмет познат во јавноста како „Тврдина 2“, каде Грујевски е првообвинет, скопкиот Кривичен суд одлучи да му се суди во отсуство и на почетокот на ноември го осуди на една ипол година затвор.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG