Британската премиерка Тереза Меј и` се заблагодари на Македонија за солидарноста во случајот „Скрипал“ и одлуката да се протера руски дипломат, и нагласи дека е потребна здруженост во борбата против руското влијание на Балканот, но и во Европа. Таа додаде дека тоа е единствениот начин да се одбранат вредностите и темелите на демократијата во Европа.
„Ние препознавме и ја видовме Русија како се однесува кон Западен Балкан и во цела Европа. Дел од тоа се однесува на една пропаганда, на злоупотребата на информации, кибернетски напади. Важно е сите да се здружиме во справувањето и спротивставувањето на овие надворешни влијанија на Русија во сите овие земји. Затоа поддршката што ја добивме од Македонија и од други земји, беше од големо значење за нас. Сакаме да обезбедиме дека низ цела Европа ќе можеме да се здружиме и да работиме заедно за да ги браниме вредностите кои се темелот на нашите демократии“, рече Меј.
Таа пристигна во еднодневна официјална посета на Скопје по повод 25-та годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Македонија и Обединетото Кралство, прва по посетата на премиерот Тони Блер во длаечната 1999 година, поради што од многумина во дипломатската фела е оценета како важна, клучна па дури и историска.
Обединетото Кралство ја поддржува Македонија во решавањето на спорот за името кое, според Меј, само може да донесе придобивки за двете држави.
„Само неколку месеци по парламентарните избори во Македонија дојде до големи промени. Владата подаде рака кон своите соседи и почна да се ангажира за решение на проблемот со името. Знам дека Македонија е посветена кон ова решение, а таквото решението ќе донесе чисти придобивки за двете земји. Можете да сметате на нашата целосна поддршка“, рече британската премиерка.
Меј нагласи дека Македонија е недделив дел од Европа и дека Британија ќе продолжи да ја поддржува земјата, иако повеќе не е членка на Европската Унија, додавајќи дека двете држави никогаш не биле поблиску како пријатели и дека тоа пријателство и понатаму ќе расте.
Премиерот Зоран Заев пак, на заедничката прес-конференција по средбата со Меј, рече дека Македонија ќе продолжи да дава причини за да ги одржи и зајакне односите со Обединетото Кралство.
„Вашето присуство овде ја покажува вашата поддршка за евроатланските интеграции на Македонија. Ви благодарам за честа што сте тука во клучен момент за нашата држава кога се поставува темелната одредница кон НАТО и ЕУ“, рече Заев.
Британската премиерка потоа замина во Собранието на РМ, каде се сретна со спикерот Талат Џафери кој во своето обраќање кажа дека му е чест и привилегија што е домаќин и додаде дека е посветен на враќање на вистинската улога на законодавниот дом, но и на државата на вистинскиот пат.
Facebook Forum