Линкови за пристапност

Ќе има ли лидерска средба пред самитот во Софија?


Опозициската ВМРО-ДПМНЕ инсистира на лидерска средба на која ќе се брифира околу текот на преговорите за спорот со името и за тоа што конкретно договориле двајцата министри за надворешни работи, Димитров и Коѕијас. Сличен став има и претседателот Иванов

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, ја прекина посетата на Италија и се врати во Македонија, за да може да присуствува на евентуалната средба и најави негово присуство во Софија за време на одржувањето на самитот.

„Тоа што Заев одбегнува лидерска средба, оддава впечаток дека нешто се крие од јавноста. Зоран Заев нема монопол за одлука врз прашање кое што подеднакво ги засега и политички определените, но и оние кои тоа не се. За да нема подоцнежна алиби игра од власта, кажуваме дека секој термин за лидерска средба е прифатлив, освен среда, кога претседателот Христијан Мицкоски е на Самитот на Европските народни партии во Софија“, соопштија од партијата.

Се огласи и претседателот Иванов, кој побара писмен извештај од МНР за текот на преговорите, договорите и последната билатерална средба одржана викендов. Тој му порача на премиерот дека е подготвен за лидерска средба.

„Претседателот Иванов смета дека е неопходно да биде информирана и македонската јавност за текот на разговорите во процесот за надминување на разликата околу името“, стои во соопштението од Кабинетот.

Вчера, Владата го одби барањето на опозицијата за лидерска средба, со образложение дека ќе се одржи во термин кој им одговара на сите политички субјекти кои се дел од овој вид средби и му порача на Мицкоски да побара тет-а-тет средба со премиерот Заев. Истовремено ги отфрлија и обвинувањата за молк околу текот на преговорите тврдејќи дека секогаш кога има значаен развој јавноста и е информирана.

Денеска пак, премиерот Заев ретерираше од вчерашниот став на Владата и порача дека лидерска средба може да има но само кога сите субјекти ќе бидат во државата.

„Подготвен сум да одржам состанок со шефот на опозицијата, доколку тој заклучи дека треба да го има. Тие побараа лидерска средба, а како ќе одлучат јас им стојам на располагање, да ги информирам пред да одиме на средбата во Софија, а, секако, подготвен сум и по Самитот на ЕУ за Западен Балкан во Софија да ја свикам лидерската средба, кога на неа би биле сите присутни “, рече Заев.

Викендов беше одржана средба меѓу Димитров и Коѕијас но информации за тоа што се зборувало или што е евентуално договорено нема. Единствено медијаторот Нимиц соопшти дека средбата била корисна, сериозна и на моменти тензична.

Три дена пред средбата на премиерите Заев и Ципрас на самитот во Софија, во Македонија и во Грција има невообичаено затишје. Медијаторот Метју Нимиц, средбата во Софија ја најави како значајна, со што се подгреваат надежите дека е можно тоа да биде и средба на која ќе се донесе решение на спорот со името.

XS
SM
MD
LG