Денеска во Скопје се одржа состанок на државите учесници во процесот „Брдо - Бриони“ под покровителство на претседателот Иванов. На состанокот учествуваа претседателите на шесте држави од Западен Балкан, претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, претседателите на Словенија и Хрватска кои се иницијатори на овој процес и премиерот на Бугарија, која е претседавач со Европската Унија (ЕУ).
Нз заедничката прес-конференција по состанокот, престедателот Ѓорге Иванов изјави дека ќе мора да се занимаваме со минатото ако ЕУ не ни` ја обезбеди иднината и повтори дека врвните стратегиски цели на Македонија се членството во НАТО и во Европската Унија.
„Како претседател на Република Македонија, ја повикувам Унијата да овозможи паралелно движење на преговорите за членство и надминување на билатералната разлика меѓу Македонија и Грција“, рече претседателот Иванов.
Тој додаде дека, долго време политиката на проширувањето потфрлувала во случајот со Република Македонија не поради принципите и критериумите на Унијата, туку поради непочитувањето на тие принципи и критериуми од страна на една земја членка.
„Конечниот збор го има Европскиот совет, а не Европската комисија. А политичкото прашање не може да се реши само со технички пристап и бара храброст, одлучност и креативност од Унијата. Нема подобар пример за тоа од Словенија и Хрватска кои со помош на Европската Унија, успеаја да најдат начин за паралелни преговори. Благодарение на таквиот европски пристап, денес Словенија и Хрватска се лидери на Процесот Брдо-Бриони“, изјави Иванов.
Туск, кој беше специјален гостин на состанокот, нагласи дека на регионот му се потребни повеќе позитивни примери, како Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија и спогодбата меѓу Приштина и Црна Гора.
„Можеби, историјата на Балканот, која наликува на хорор филм, кој никогаш не завршува, сепак да има среќен крај. Она што се случи со Северна и Јужна Кореја покажува дека невозможното станува возможно“, рече првиот човек на Европскиот совет.
Туск напомена дека, за време на неговата турнеја низ Западен Балкан, дал јасна порака дека земјите-членки на Унијата цврсто се залагаат за европската перспектива на регионот.
Бугарскиот премиер Борисов изрази надеж дека Македонија и Грција брзо ќе го решат спорот околу името и направи паралела со Северна и Јужна Кореја, напоменувајќи дека кога овие две држави успеале да постигнат договор, земјите од регионот сигурно ќе можат да ги надминат разликите.
Хрватската претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ ја поздрави одлуката со која се препорачува почеток на преговори со Македонија и со Албанија додека словенечкиот претседател Борут Пахор рече дека е од големо значење одлуката на Европската Комисија (ЕК) повторно да ги поддржи реформите во југоисточна Европа за конечно државите од регионот да станат дел од Унијата.
Заедничкиот заклучок на лидерите од процесот „Брдо Бриони“ е дека одговорноста е сега кај државите од Западниот Балкан кои мора да продолжат со реформите во судството, владеењето на правото, човековите права, борба против корупцијата и организираниот криминал, како одговор на обновениот фокус на ЕУ кон регионот.
Тие во заедничките заклучоци наведоа дека интеграцијата во ЕУ станува стратешки катализартор за јакнење на мирот, безбедноста и стабилноста на регионот и поради тоа од голема важност е воздржување од популистичка, националистичка реторика и активности кои можат да ги зголемат тензиите во регионот.
Шефовите на држави од процесот „Брдо Бриони“ ги охрабрија решавањата на отворените прашања и спорови во регионот, нешто што го порачаат и Туск и Борисов како актуелен претседавач со ЕУ.
Facebook Forum