Линкови за пристапност

Собранието не изгласа недоверба на Владата


По дебата исполнета со критики, обвинувања и препукувања, со 40 гласа "за", 2 "воздржани" и 62 "против", Владата на премиерот Зоран Заев го мина првиот посериозен тест на домашната политичка сцена. Ова беше четврто гласање на доверба на Влада во историјата на независна Македонија

Барањето за гласање на доверба на Владата на премиерот Зоран Заев не помина во Собранието. Половина час пред истекот на рокот, спикерот Талат Џафери ги повика пратениците да гласаат за предлогот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Од 107 присутни пратеници само 40 гласаа "за", двајца беа "воздржани" а 62 пратеници гласаа "против".

Десетчасовната расправа почна со образложувањето на барањето од страна на координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Во своето излагање, тој потенцираше дека има назадување во секое поле, дека политичкиот систем е деградиран и кршењето на Уставот е секојдневие и го обвини премиерот Заев дека ја води најкриминалната Влада во историјата на независна Македонија.

По него, од собраниската говорница се обрати координаторот на пратнечиката група на СДСМ, Томислав Тунтев, кој рече дека интерпелацијата е големо разочарување и преставува очаен обид да се најде оправдување ВМРО-ДПМНЕ да се вратат во Собранието.

Свое излагање имаа и Никола Груевски и Зоран Заев.

Груевски ја опиша работата на Владата како едно големо разочарување за сите граѓани во Македонија. Тој го обвини Заев дека е посветен исклучиво на прашањето за промена на името, дека се занимава со маргинални прашања, наместо со конкретни иницијативи и побара од него да се повлече од политиката „пред да направи поголема штета“.

„Граѓаните од вас очекуваат нови работни места, нови фабрики, нови инвестиции, нови шанси и можности за да останат и да живеат тука, а не за да им се докажувате дека не патувате да носите странски инвестиции и со тоа штедите. Ова е трчи-лажи влада која секому му ветуваше што сака да слушне. Влада која верува и се надева дека на следните избори меѓународната заедница ќе им легализира нов изборен криминал затоа што ќе ги продадат нашите национални интереси и не се свесни дека ќе доживеат сериозен дебакал кои ќе го остават СДСМ во нови 10 години во опозиција“, рече Груевски.

Премиерот Заев пак, последен се обрати на собраниската седница, ја повтори програмата на неговата Влада, го потенцираше катастрофалната состојба која ја затекнале во институциите кога ја превземале власта. Тој му порача на својот опонент Груевски дека е минато.

„Никола Груевски, ти си минато, Македонија чекори напред, Македонија расчисти со тебе, ти си дел од темното минато. Затекнавме општа катастрофална состојба, ограбена држава. Наследивме тотален колапс, блокирани институции. Се соочуваме со коруптивни договори, кои не можат да бидат прекинати поради тоа што ќе нанесат штета врз буџетот. За да се создадат услови за темелна промена, неопходна е вклученост на сите политички фактори. Системот мора да се регенрира во самите институции. Без исклучок, чекориме кон тоа да ги оствариме стратешките интереси на граѓаните и државата, тоа е ЕУ и НАТО. Оваа можност беше прифатена од опозицијата“, истакна премиерот Заев во своето обраќање.

Барањето за гласање на доверба на Владата беше поднесено во неделата со потписи на 41 пратеник од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Во образложението, на неколку страни, беа наведени обвинувања за криминал и корупција, партизирана државна администрација и судство, отпуштања, неуспешна економска политика и нетранспарентност во во процесот на преговорите околу спорот со името. Спикерот Џафери ја закажа седницата на истекот од законскиот рок од 72 часа како што налага собранискиот Деловник.

Дел од експертската јавност сметаше декабарањето на ВМРО-ДПМНЕ, всушност, е параван пред членството за да се вратат во Собранието и да ја прекинат блокадата со оглед на фактот што моменталниот распоред на силите во Парламентот јасно покажува дека Заев и неговиот кабинет ќе ја добијат довербата на пратениците.

Според законските прописи, премиерот Заев сега го очекуваат мирни 100 дена бидејќи во овој период не смее да се поднесе ново барање за гласање на доверба а откако ќе истече тој рок можност за тоа ќе имаат само пратениците од владеачкото мнозинство со оглед на тоа дека опозицијата ја искористи својата шанса.

Вечерашното гласање за доверба на Владата беше четврто во историјата на независна Македонија. Во август 1992 година со 93 гласа за безе изгласана недоверба на Владата на премиерот Никола Кљусев, т.н. „експертска влада“. На следното гласање се чекаше 15 години. Во јуни 2007 година, на барање на тогашната опозициска СДСМ, во Собранието се гласаше за доверба на Владата на премиерот Никола Груевски, но предлогот не го доби потребното мнозинство.Во октомври 2012 година имаше уште едно гласање. И овој пат подносител беше СДСМ а премиер Никола Груевски. Собраниското мнозиство сочинето од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ со 68 гласа против повторно го спасија мандатот на Груевски.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG