Линкови за пристапност

Интерпелацијата поднесена, во среда ќе се гласа за доверба на Владата


Опозициската ВМРО-ДПМНЕ го достави до Собранието барањето за интерпелација на Владата. Спикерот Џафери најави дека седницата за гласање доверба ќе ја закаже во среда. Премиерот Заев пак сигурен дека интерпелацијата нема да помине. За недоверба на Владата потребно е просто мнозинство од 61 глас

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, предводена од координаторот Драган Данев, како што најави, денеска ја достави интерпелацијата до Собранието. Што е наведено во интерпелацијата засега не се соопштува, а од партијата рекоа дека утре ќе и` ја презентираат на јавноста.

Неофицијално, на неколкуте страници поднесени од опозицијата, се наведени критики за економијата и надворешната политика и обвинувања за селективна правда, криминал и корупција од членови на премиерскиот кабинет.

Претседателот на Собранието Талат Џафери, потврди дека собраниските служби ја добиле интерпелацијата и најави дека во вторник ќе ја закаже седницата за гласање на доверба на Владата која ќе се одржи во среда.

Според Деловникот на Собранието, пратениците гласаат за недоверба на Владата по истекот на третиот ден од денот на поставувањето на прашањето за доверба. Седницата ќе трае до полноќ кога ќе биде и гласањето, а пратениците подносители ќе имаат можност да го образложат барањето пред колегите. Деловникот предвидува и дека премиерот Заев ќе има можност да се обрати пред пратениците во однос на интерпелацијата. За да се изгласа недоверба на Владата, потребно е просто мнозинство од 61 глас. Доколку тоа се случи, премиерот е должен во рок од 24 часа да ја достави својата оставка до Собранието.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, изјави дека очекува во среда интерпелацијата да ја поддржат мнозинството пратеници и Владата да падне.

„Се надевам дека среда ќе биде денот кога ние ќе можеме да ги аргументираме нашите позиции. Така е и според деловникот во Собранието. Очекувам на крај на денот да се изгласа недоверба на Владата и да можеме понатаму да видиме како ќе ја развиваме Република Македонија, да организираме предвремени парламентарни избори и се што оди со тоа“, изјави Мицкоски.

Ова ќе биде прв посериозен тест за Владата и премиерот Заев, по десет месеци минати на власт. Интерпелацијата доаѓа во момент кога се привршуваат последните подготовки за првата реконструкција на кабинетот и се водат преговори со неколку партии за окрупнување на мнозинството во Парламентот.

Премиерот денеска избегна директно да го каже својот став околу интерпелацијата и дали ќе ја искористи можноста да се обрати пред пратениците. Тој повеќе се задржа на одлуката на опозицијата да се врати во Собранието и со тоа да ја деблокира неговата работа, како и да поддржи голем дел од реформските закони, неопходни за интеграцијата на државата.

„Јас, генерално, сум задоволен после 10 месеци до каде стигнавме. Се разбира, можеме и имаме намера да постигнеме многу повеќе. Ако опозицијата е во Парламентот, ако опозицијата е силна и разбудена, нема зијан од тоа, опозицијата може да ја направи само подобра власта. Од тоа ќе добијат граѓаните. Во моментот, водиме со некои шест-седум процентни поени. Веројатно, новото раководство во ВМРО-ДПМНЕ тешко се снаоѓа, веројатно имаме испорачано резултати“, изјави премиерот Заев во интервју за државната агенција МИА.

Од неговата партијата пак брифираат дека интерпелацијата нема да помине и дека нема никакви шанси 61 пратеник да гласаат против Владата.

Интерпелација на Влада не е ново во историјата на независна Македонија. Во јуни 2007-та година, мнозинството во Собранието ја отфрли интерпелацијата за Владата предвоена од Никола Груевски а истото се случи и пет години подоцна, во октомври 2012-та година, кога 68 ратеници гласаа против предлогот на СДСМ за интерпелација на Владата и овој пат предводена од поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG