Линкови за пристапност

Чавков и четворица обвинети вратени во притвор


Врховниот суд во понеделникот,пак, одлучи Чавков да биде пуштен во домашен притвор, додека Судот го одби барањето за притвор на пратениците Мукоски и Василески

Поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков, утринава е приведен во својот дом и спроведен во истражниот затвор „Скопје“, откако против него беше поднесен обвинителен акт за настаните од 27 април, т.н. „Крвав Четврток“.

Покрај него, притворени се уште четири лица - Горан Ѓошевски, од Собраниското обезбедување, Душко Лазаров и Оливер Поповски од МВР, и Мумир Пепиќ од Агенцијата за разузнавање (АР).

Тие биле уапсени во раните утрински часови и спроведени во истражниот затвор, од каде ја потврдија оваа информација. Според неофицијални информации притворените почнале штрајк со глад.

Интересно е што во понеделникот Врховниот суд, пак, одлучи тогаш осомничениот, а сега обвинет Митко Чавков да биде пуштен во домашен притвор. По нешто повеќе од 24 часа, тој е вратен во затворот во Шуто Оризари.

Приведувањата следуваат откако Јавното обвинителство, вчера на прес- конференција, соопшти дека истрагата е завршена и оти поднесува обвинителен акт против 30 лица, инволвирани во упадот во Собранието на 27-ми април минатата година, и насилствата кои следуваа.

Дваесет и осум лица се товарат за „терористичко загрозување на Уставниот поредок и безбедноста“, а две за помагање при вршење на истото кривично дело.

Обвинителството соопшти дека бара притвор за вкупно 16 обвинети, куќен притвор за 12, и гаранција во имот за двајца.

Образложението на Обвинителството е дека со поднесувањето на обвинителниот акт се работи за нова постапка, и со самото тоа се оправдува барањето на притвор.

Кривичниот суд синоќа експресно одлучи да го уважи барањето на Обвинителството за пет лица и да им одреди притвор, а да го одбие барањето за притвор на пратениците Крсто Мукоски и Сашо Василески.

„ За С.В. и К.М опфатени со предлогот на Обвинителството, предлогот се одбива како неоснован, а се продолжува мерката куќен притвор определена со решение на Врховен суд од 26.03.2018 година, за Љ.Д., Ј.Т., Е.Д.Б. и И.Д., предлогот на Обвинителство се одбива како неоснован, а се продолжуваат мерките за претпазливост определени со решение на Врховен суд од 26.03.2018 година“, стои во соопштението на Судот.

Одлуката за притварање на пет лица ја критикуваше бранителот на дел од обвинетите, адвокатот Ѕвонко Давидовиќ, кој смета дека станува збор за селективна примена на законите и непочитување на одлуките на Врховниот суд.

Обвинтелството соопшти дека дел од обвинетите контактирале телефонски со нарачателот на упадот и насилствата, кој во моментот се наоѓал во Виена, Австрија, каде тогаш е претседателот на ВМРО – ДПМНЕ Никола Груевски ,неговото обезбедување и неколку сопартијци.

Сепак истрагата не го утврдила идентитетот и тој се води како непознато лице, иако е посочен како нарачател на упадот и обид за ликвидација на премиерот Зоран Заев, и на лидерот на Алијансата на Албанците Зијадин Села.

Дел од обвинителниот акт протече во јавноста.

„ Од телефонски број сопственост на Службата за општи и заеднички работи на Влада на РМ, НН лице од обезбедувањето на Никола Груевски, во тоа време лидер на партијата ВМРО ДПМНЕ, а кои се наоѓале во Виена, Австрија во 14 часот и 30 минути контактирал со обвинетиот Александар Василевски – Нинџа, сега недостапен на органите на прогонот, кој потоа заедно со обвинетиот Никола Митревски – Кољо, исто така недостапен телефонски, ги контактирале обвинетите Јане Ченто, Игор Југ, Младен Додевски, Захарие Симовски, Михаил Младеновски и Дејан Давидовски Дешо го мобилизирале членството од други градови за насилен упад во Собранието, однапред знаејќи дека објектот не е соодветно обезбеден и заштитен со полициски сили“, стои во обвинението.

Засега со реакција за синоќешните приведување се огласи само опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која смета дека станува збор за тортура и изживување.

„Крајно нечовечки, на голем дел од неосновано притворените за 27-ми април, завчера им беше преиначена мерката од ефективен во куќен притвор, а веќе вчера, партискиот суд и обвинителство на Зоран Заев, одлучија повторно да ги приведуваат пред очите на нивните семејства. Што се смени во однос на околностите поради кои беше преиначен притворот? Одговорот е ништо “ стои во партиското соопштение.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG