СКОПЈЕ - Поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков и пратениците Крсто Мукоски и Сашо Василески, ќе бидат пуштени од истражниот затвор откако денеска Врховниот суд донесе одлука да им го замени притворот со куќен притвор. Тие минаа три месеци во притвор по одлука на судија од скопскиот Кривичен суд.
Одлуката беше донесена попладнево по жалбите кои Чавков, Мукоски и Василески ги поднесоа на одлуките на Кривичниот и Апелацискиот суд, со кои им се одредуваше и продолжуваше притворот.
Врховниот суд одлучи од притвор да се пуштат и Митко Пешев, Душко Лазаров, Горан Ѓошевски, Оливер Поповски и Мунир Пепиќ, сите вработени во МВР, на кои исто така им е одреден куќен притвор.
По денешната одлука во притвор остануваат уште четворица осомничени за настаните од 27--ми април. Меѓу нив се членовите на патриотското здружение од Велес, Горанче Анѓелов и Илија Славевски.
На денешната јавна седница се одлучуваше и по жалбите на пратениците Јохан Тарчуловски и Љупчо Димовски, кои повеќе од еден месец се во куќен притвор. Нивните жалби беа прифатени и им беше изречен мерка на претпазливост, односно одземени им се патните исправи и тие мора задолжително да се јавуваат во суд еднаш неделно. Куќниот притвор им е укинат и на оперскиот пејач Игор Дурловски и Елена Божиновска, кои исто така мораат да се јавуваат во судот.
Според законските прописи, Врховниот суд требаше решението за жалбите на притиворените да го донесе минатиот четврток. Според претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, судот не доцнел со решението, бидејќи станувало збор за сложен предмет за кој не може да се очекува да има брза одлука.
Обвинителен акт за настаните од 27 април се` уште не е поднесен, а рокот истекува за десетина дена. Според извори од Обвинителството, во текот на оваа недела обвинението ќе биде изготвено и доставено до скопскиот Кривичен суд.
Facebook Forum