Линкови за пристапност

Интерпелација и протести се следните чекори на ВМРО-ДПМНЕ


Опозициските пратеници ќе ја бојкотираат работата на Собранието, а премиерот Заев по серијата протести пред домовите на пратеници од неговата партија, најави дека ќе стори се` што е можно да ги заштити нивните деца и најблиските

Кривична пријава, интерпелацијана спикерот Џафери, бојкот на работата на Собранието и протести се' до одржување на предвремени избори, се четирите клучни чекори кои ќе ги преземе опозициската ВМРО-ДПМНЕ по изгласувањето на Законот за јазици.

Лидерот на партијата Христијан Мицкоски, најави дека од почетокот на мај, партијата ќе го повика своето членство, симпатизерите и граѓаните на масовни протести.

„Во мај ВМРО-ДПМНЕ ќе почне со протести на улиците на Македонија и нема да се врати додека не победи на следните предвремени парламентарни избори“, рече Мицкоски.

Тој го обвини СДСМ за кршење на Уставот и насилие во Собранието.

„Имаме деградиран политички и правен систем каде упадите, кршењата и непочитувањата стануваат пракса. СДСМ и Зоран Заев донесоа изместени вредности во политиката и секојдневното живеење. Погледнете, најпрво го узурпираа Собранието, ги прекршија сите можни процедури во Собранието, само за да го донесат неуставниот закон за јазици, и откако на сила го изгласаа, а претседателот Иванов се одлучи да го заштити Уставот, тие тргнаа во офанзива да го напаѓаат дека го крши Уставот“, изјави Мицскоски на прес-конференција во седиштето на партијата.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски, потенцира дека целата постапка и гласањето за Законот биле противуставни и најавува интерпелација за спикерот Џафери како и кривична пријава.

„Досега, во Собранието имало различни настани и ситуации, но вакво силување на правдата и на Деловникот, досега не е забележано. Затоа, овој закон може да се смета како недонесен, а интерпелацијата за Талат Џафери е веќе подготвена. Не смее во државата да се дозволи на ваков начин да се донесат правни прописи“, рече Димовски.

Димовски најави и дека пратеничката група на партијата нема да се врати во Собранието и ќе ја бојкотира неговата работа.

„Во моментов во Собранието нема услови за да се вратиме и да го продолжиме нашиот ангажман како пратеници и да постапуваме во интерес на граѓаните во Република Македонија“, додаде тој.

Неколку дена наназад во неколку града во државата се одржуваат протести на граѓани против Законот за јазици, но и протести пред домови на пратеници од СДСМ поради што мораше да биде поставено и полициско обезбедување. Пратениците не одат на работа во Парламентот за, како што изјавија, „да не ги провоцираат граѓаните“. На пратеничката на СДСМ од Виница, Славица Шуманска-Митева и` беше запален автмобилот, а пратеничката Фросина Ременски најави кривични пријави по протестот кој викендов се одржа пред нејзиниот дом во Скопје.

На протестите реагираше премиерот Заев, кој рече дека знае кој стои зад нив и кој ги финансира и најави дека ќе ги заштити децата и најблиските на пратениците.

„Ова што се случува последниве денови побуди моја реакција која должен сум ја да споделам со јавноста. Протестот е уставно право и тоа право треба да се ползува. Но, тоа што се прави пред домовите, пред дечињата на пратениците, пред членовите на нивните семејства и нивните родители апсолутно е недозволиво, затоа што е кршење на приватноста на домот, директни закани се упатуваат, омаловажување и целосно сеење страв и трепет кај дечињата. Ние нема да дозволиме тоа да продолжи, МВР презема дејствија, овде има неколку кривични дела. Сакам да знаат сите дека дечињата на пратениците лично јас и се` што постои околу мене ќе ги заштитам“, изјави премиерот Зоран Заев.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека не стои зад протестите и го осуди говорот на омраза.

„Го почитуваме уставно загарантираното право на протест и се оградуваме ако има говор на омраза, но не сме организатори на протестите пред домовите на дел од пратениците од СДСМ. Протестите кои се случуваат деновиве, не се нешто ново, се сеќаваме на протестот кои биле побрутални, се сеќаваме на протестите кај поранешниот премиер, се сеќаваме на некои неумесни пораки преку социјалните мрежи, така што, ние ја почитуваме слободата на изразување, но секогаш осудуваме говор на омраза или повик на политички линч“, изјави Александар Нацев од ВМРО-ДПМНЕ.

Законот за јазици кој беше донесен минатата недела се` уште не е стапен на сила, бидејќи претседателот Иванов одбива да го потпише. Додека опозицијата тврди дека овој закон ја втурна државата во нова политичка криза и го подели општеството, владеачките СДСМ и ДУИ се на ставот дека со ова се деблокирала работата на Парламентот.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG