Линкови за пристапност

Законот за јазици изгласан во тензична атмосфера


За законот гласаа 64 пратеници. На гласањето не му претходеше амандманската расправа која ја бараше опозицијата. Собраниското обезбедување спречи поголем инцидент и физичка пресметка меѓу поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и спикерот Талат Џафери

Во тензична и на моменти, хаотична атмосфера, по неколку одлагања, пратениците го усвоија Законот за јазици со 64 гласа. За законот гласаа и 24 пратеници од немнозинските заедници. Пратениците од опозицијата кои беа присутни во салата, не гласаа и застанаа околу говорницата и пред претседателот Талат Џафери. Тие се обидоа да го спречат процесот, гласно негодувајќи, а најдалеку отиде поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, кој се обиде да му ја отстрани картичката за гласање на спикерот Џафери и му ги поли документите со вода.

Собраниското обезбедување спречи поголем инцидент кога Груевски и Џафери се конфронтираа и за малку можеше да се случи и физичка пресметка.

Спикерот Џафери ја заклучи седницата и ја напушти салата за кусо потоа да се врати и да соопшти дека Законот за јазици е изгласан рачно бидејќи електронскиот систем не работел.

На гласањето му претходеа неколку паузи кои само ја подигнаа тензијата во салата. Пратениците од опозицијата бараа амандманска расправа и можност да ги бранат поднесените 35 илјади амандмани укажувајќи дека со гласање се крши деловникот на Собранието и посочувајќи неколку членови. Сепак Џафери одлучи да ги одбие нивните барања и да го стави Законот за јазици на гласање.

Откако стивнаа стратите, спикерот излезе на прес-конфренеција на која соопшти дека нема ништо спорно во носењето на Законот. Тој изјави дека нема да дозволи да се повтори 27-ми април и не го коментираше инцидентот со пратеникот Груевски.

„По однос за однесувањето на пратеникот Никола Груевски, поранешен премиер, сметам дека нема потреба јас да го коментирам. Од дента од кога ја презедов фукцијата, бев свесен за предизвиците. Нема да дозволам Собранието да се претвори во сликата од 27-ми април 2017 година. Основна надлежност на Собранието е да води процедура според Уставот и Деловникот. Правото на секој граѓанин на протест е изричито право и немам никкава замерка за граѓаните кои беа пред Собранието. Но, однесувањето на пратениците е недозволиво, изгледа не можат да разберат дека се опозиција“, рече Џафери.

Тој додаде дека уставноста на овој закон може да ја оценува само Уставниот суд и нагласи дека неговото носење не е провокација и не треба да предизвика конфликт меѓу граѓаните.

Од ВМРО-ДПМНЕ засега се без официјална реакција околу носењето на законот за јазици. Реакции нема ни од СДСМ и ДУИ, ниту пак од меѓународните претставници во државата.

Пред зградата на Парламентот продолжува протестот на кој во моментов има околу 500 граѓани. Протестот беше организиран преку социјалната мрежа Фејсбук и почна околу пладне. Насобраните граѓани велат дека се против законот и најавија писмо до претседателот Иванов во кое ќе бараат тој да не го потпише овој закон.

Законот за јазици предзивика многу дебати во јавноста и беше изгласан откако по трет пат се најде пред пратениците. Тој беше означен со европското знаменце како приоритетен, иако ЕУ тоа никогаш не го побара. Претседателот Иванов веќе еднаш одби да го потпише, а пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ поднесе над 35 илјади амандмани на законското решение.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG