Линкови за пристапност

Новинарите на протест: Заканите и притисоците мора да запрат


Повод за протестот се заканите и навредите упатени кон претседателот на Здружението на новинари од страна на висок функционер на ДУИ и неговиот брат но и непостапувањето на надлежните институции

Стотици новинари денеска излегоа на протест пред Владата на РМ, под мотото „Сите сме копилиња“, за да го изразат својот револт од инертноста на надлежните институции и Владата околу заканите и навредите кои беа упатени кон претседателот на Здружението на новинари (ЗНМ) Насер Селмани, од стана на Беќир Асани, висок функционер на ДУИ и неговиот брат.

Една недела по пријавувањето на заканите, од Обвинителството нема никаков конкретен чекор, а Владата само штуро ги „осуди нападите и заканите“, без да побара никаква одговорност од ДУИ за постапките на нејзиниот функционер.

Затоа, денеска новинарите порачаа дека притисоците и заканите врз новинарите веднаш мора да запрат и дека сличните испади и инциденти понатаму нема да се толерираат.

Насер Селмани во своето обраќање нагласи дека заканите нема да го исплашат и и` порача на Владата да ги „врзе кучињата“.

„Дојдовме тука затоа што чашата се прелеа, новинарите постојано се изложени на закани и притисоци, се спроведува цензура по телевизиите. Не може да го прифатиме тоа дека во Владата има добри и лоши момци. Имате обврска да ги замолчите насилниците, бидејќи ќе станете нивни соучесници. Еден режим испративме нема да дозволиме воспотавување на нов. Им порачувам на македонските граѓани - ако сега бидеме замолчени, да знаете дека вие сте на ред. Бидете будни.“, рече Селмани.

На протестот се обрати и Тамара Чаусидис, претседателка на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), која смета дека надлежните институции се инертни и не преземаат ништо, кога се во прашање новинарите.

„Долга е раката на пајакот, но јас не се плашам од пајаци. Имаме чувство дека не се презема доволно, и затоа се собравме тука. Нападот врз Селмани, е напад врз сите новинари. Бараме полициска заштита за Селмани и отварање на постапка од Обвинителството“, рече Чаусидис.

На протестот присуствуваше и министерот задолжен за комуникации Роберт Поповски, кој се обиде да ги увери новинарите дека Асани и таквите како него, не се заштитени и дека Владата има нулта-толеранција кон насилството врз новинарите.

„Заканите мора да престанат и Владата нема да дозволи да се врати времето на пресија врз медиумите, како што беше во претходната власт. Вицепремиерот Бујар Османи, кој е од истата партија, го осуди нападот.

„Убеден сум дека притисоците врз новинарите ќе престанат. Уверувам дека оваа Влада ќе ја врати правната држава. Но морам да порачам дека Владата е една адреса. Друга е јавното обвинителство и таму е сега случајот“, рече Поповски.

Во врска со инцидентот кој го предизвика Беќир Асани, кога припадничка на сообраќајната полиција се обиде да го му го подигне неправилно паркираниот џип и да му напише казна, на социјалната мрежа „Фејсбук“ Селмани напиша: „Правната држава клекна пред еден силеџија, поддржан од ДУИ“.

Братот на функционерот веднаш му упати закани на Селмани, што тој ги пријави во полицијата, но оттаму како и од Обвинителството не беше преземено ништо, ниту пак браќата Асани беа повикани на разговор.
Неколку дена подоцна функционерот на ДУИ јавно во интервју го нарече претседателот на ЗНМ „копиле“ и „дно“.

Коалициските партнери СДСМ и ДУИ, под притисок на јавноста, го осудија инцидентот и заканите, без притоа да ги адресираат осудите кон конкретно лице.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG