Линкови за пристапност

Сенаторот Марфи на средби со премиерот Заев и лидерот на опозицијата Мицкоски


САД остануваат искрен пријател на Македонија, а Владата мора да ги понесе позитивните промени за иднината на државата, порачал американскиот сенатор

Премиерот Зоран Заев вечерва се сретна американскиот сенатор Крис Марфи и амбасадорот на САД во Македонија, Џес Бејли. На средбата било констатирано дека Македонија се движи во правилната насока, низ реформските процеси во земјата и чекорите на градење пријателства со соседите, на патот кон НАТО и ЕУ.

Сенаторот Марфи ги охрабри премиерот Заев и Владата, да ги понесат позитивните промени за иднината на Македонија и пренесе дека САД останува искрен пријател на Република Македонија.

Премиерот Заев пак му се заблагодари на сенаторот Марфи за големиот пријател што го има Македонија во САД, како и за целата поддршка и помош што ја добиваат од САД во важните демократски процеси во државата.

„Застанавме цврсто за концептот едно општество за сите, во што ја градиме Република Македонија. Се посветивме силно на реформите во државата и на конкретни исчекори во добрососедските односи. Водиме инклузивни политики на дијалог и разбирање и очекуваме дека тоа ќе биде вреднувано и вратите на НАТО и ЕУ да се отворат за Република Македонија“, рече премиерот Заев.

Заев, сенаторот Марфи и амбасадорот Бејли, заклучиле дека иднината на Македонија и на целиот регион е во НАТО и ЕУ.

Неколку часа претходно, Марфи и Бејли беа во седиштето на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, на средба со лидерот Христијан Мицкоски.

Мицкоски посочил дека во САД гледа пријателска држава, која треба да ги поддржи напорите на Македонија за членството во НАТО.

Тој притоа им соопштил на амбасадорот Бејли и сенаторот Марфи, дека неговата партија се залага и за членство во Европската Унија, но за да се случи тоа, потребни се посериозни заложби од Владата, особено во поглед на спроведување на реформи во судскиот систем, образованието и поголема поддршка на бизнис секторот.

„Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски посочи дека владата треба да се посвети на реформските процеси кои се вистински важни за граѓаните и унапредување на животниот стандард, за сметка на ретроградните процеси, политичкиот терор и отворањето на сензационалистички теми, кои не носат добро на државата и ја уназадуваат внесувајќи поделби на граѓанското ткиво“, стои во соопштението на партијата.

Околу спорот со името и неговото решение Мицкоски уште еднаш ги повторил позициите на ВМРО-ДПМНЕ во однос на ова клучно прашање и нагласил дека е потребен сериозен ангажман од владата наспроти јавните надавања и менувањето на позиции.




Facebook Forum

XS
SM
MD
LG