СКОПЈЕ - Законот за јазици ги скара пратениците од владеачката коалиција а во наредните седум дена ќе се пеглаат разликите и ќе се собираат гласови за да може да се добие потребното мнозинство 61 пратеник. Ова вчера го соопшти претседателот на Собранието, Талат Џафери, неколку часа откако ја одложи 32 седница на Собранието каде точка на дневен ред е овој закон на неодредено време. Џафери смета дека на овој начин се избегнала блокада на работата на Парламентот.
Вчерашната неколку часовна координација меѓу пратеничките групи на СДСМ , ВМРО - ДПМНЕ и ДУИ заврши неуспешно и без договор за носење на Законот за јазици со кој се унапредува употребата на албанскиот јазик. Од опозициската ВМРО-ДПМНЕбило побарано да ги повлечат амандмани но тие одбиле а потоа дел од пратениците на СДСМ најавиле дека нема да гласаат за Законот за јазици без разлика на директивите на координаторот на групата што пак ги налутило нивните колеги од ДУИ.Како причина ја навеле намерата на спикерот Џафери да не им даде право на амандманска расправа на пратениците од опозицијата туку само процедурални забелешки. Со оглед дека се поднесени над 35 илјади амандмани евентуалната амандманска расправа би траела исклучително долго време.
Ова го потврди и самиот Џафери кој рече дека е подготвен да закаже уште една седница на која директно ќе се гласа за донесување на Законот за употреба на јазиците без притоа да се прифати разгледување на 35-те илјади амандмани кои опозициската ВМРО-ДПМНЕ ги поднесе.
„ ВМРО-ДПМНЕ ќе има право на процедурална забелешка. Собранието не смее да биде заложник за никого“, рече спикерот Џафери и додаде дека е убеден дека ќе се соберат доволно гласови и Законот за за јазици ќе биде донесен.
Тој нагласи дека стабилноста на коалицијата меѓу СДСМ и ДУИ не е загрозена и покрај несогласувањата во врска со решението за над 35.000 амандмани и дека ќе продолжат сите процеси кои парламентарното мнозинство ги има во Собранието, а од кои зависи и функционирањето и поддршката за самата Влада на премиерот Заев па тој начин ќе се оствари тоа што е градено долг период без разлика на моменталната состојба и пречки.
Facebook Forum