Линкови за пристапност

Јункер: Македонија е на добар пат, можна е препорака за неколку месеци


Претседателот на Европската Комисија (ЕК), Жан Клод Јункер, ја почна балканската турнеја со посета на Скопје, каде пристигна со еврокомесарот Јоханес Хан. Тој истакна дека не носи датум за преговори и додаде дека историјата и географијата мора да се помират

Претседателот на ЕК, Жан Клод Јункер, по кусата средба со премиерот Зоран Заев, на заедничка прес-конфренеција соопшти дека во Македонија не пристигнал за да соопшти точен датум за почеток на преговорите, но сепак напомена дека државата е на добар пат, постигнала напредок и ако продолжи да се движи во таа насока и ги продолжи реформите, за неколку месеци може да го добие очекуваното и препораката нема да биде условена.

„Ние сме повеќе од задоволни од ритамот на реформите кои се прават во земјата, вклучително нешто што е многу важно, а тоа е обидот на Владата да се поврзе со опозицијата. Сакаме да бидеме сигурни дека реформите се поддржани од големо мнозинство внатре во земјата“, рече Јункер и додаде дека Македонија со својата историја е дел од Европа.

Претседателот на ЕК го посочи договорот со Бугарија како позитивен исчекор кој е препознат во Брисел. Јункер потври дека некои држави- членки на ЕУ се` уште се со резерва околу проширувањето на ЕУ.

Околу спорот со името, Јункер се воздржа со коментари. Спорот треба да го решат двете држави, а затоа и разговорал со грчкиот премиер Алексис Ципрас на кого му ја соопштил својата поддршка решавањето на спорот да продолжи на овој начин.

„Сега се повлекувам од давање отворени насоки бидеји вие треба да си го решите проблемот со вашите грчки пријатели. Уште кога слетав на аеродромот, забележав дека има придвижување. Историјата и географијата треба да се помират. Завршете ги своите работи со Грција и Грција треба да ги заврши своите работи со вашата земја и тогаш нештата ќе се движат во насока на целосното помирување“, рече Јункер.

Премиерот Зоран Заев го повтори ставот дека за Владата е прифатливо име со географска одредница.

„Прифатливо е име со географска одредница, кое ќе направи јасна дистинкција помеѓу Македонија и регионот во Грција. Владата инсистира на решение кое ќе овозможи трајно и оддржливо затворање на спорот, но со почитување на достоинството и идентитетот на двата народа и двете држави. Наша должност е да преземеме одговорност за оваа историска можност, да го решиме ова долго отворено и мачно прашање меѓу двете земји“, рече Заев.

Тој смета дека во јуни оваа година, Македонија ќе ги почне преговорите со ЕУ и нагласи дека позитивниот извештај и обновената безусловна порака, се поттик да се продолжат реформските процеси и унапредувањето на добрососедските односи.

„Од самитот на ЕУ-Западен Балкан во мај во Софија, очекуваме создавање на агенда што јасно ќе го трасира предпристапниот пат на ЕУ врз основа на предлозите од стратегијата. Силно сме уверени дека во јуни 2018- година, Советот ќе донесе одлука за почеток на пристапните преговори. Работиме на обезбедување поддршка од сите земји членки“, истакна маедонскиот премиер.

По прес-конфренцијата, Јункер замина во претседателската вила на Водно на средба со претседателот Ѓорге Иванов кој изразил благодарност за неговата поддршка околу европската перспектива на Македонија и за заложбата за зајакнување на европскиот ангажман на Балканот, како инвестиција во стабилна, силна и обединета Европа.

„Ја поздравуваме подготвеноста од Европската комисија за обновување на препораката врз основа на исполнетите критериуми од наша страна. Деблокирањето на интегративните процеси, преку соодветното вреднување на нашиот напредок, позитивно ќе влијае врз реформските процеси и врз целата општествено-политичка состојба во Република Македонија“, стои во соопштението од претседателскиот кабинет.

Со соопштение се огласија и од најголемата опозициска партија ВМРО- ДПМНЕ, во кое ја поздравија заложбата на претседателот на ЕК за интегрирање на Македонија во ЕУ, повторно потенцирајќи дека остануваат силно посветени на европската интеграција на државата. Во соопштението тие ја критикуваа досегашната работа на Владата и го обвинија премиерот за рушење на демократија и правната држава преку политичка тортура на неистомисленици.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG