Линкови за пристапност

Заев: Географска одредница е прифатлива како решение за спорот со Грција


Име со географска одредница е одговорот на премиерот Зоран Заев, по прозивките на грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас, македонската страна да излезе јавно со предлог кој е прифатлив за решение на спорот со името

„Подготвени сме за географска одредница“, изјави премиерот Зоран Заев посочувајќи дека прашање за спорот за името што Македонија го има со Грција е суштествено и оти треба да се даде шанса низ преговорите да се изнајде решение.

„Сакам нашите граѓани и граѓаните од соседна Грција да знаат, дека сакам навистина да успееме во преговарачкиот процес, и затоа е секогаш тука дозата на внимателност. Да му дадеме шанса на успехот, но притоа ќе кажам ние сме подготвени за географска одредница и до тука ќе застанам затоа што прашањето е суштествено и треба да дадеме шанса низ преговорите во изнаоѓање на решение“, рече Заев на заедничката прес-конференција со евроамбасадорот Самуел Жбогар.

Тој додаде дека секоја можна идеја, која што ќе доведе до решението, како драфт верзија на меѓународен договор да го официјализира она што е поприлично решено додека останатото би било основа да се продолжи процесот на ОН преку медијаторот Метју Нимиц, користејќи ги сите билатерални средби на премиерско ниво како и средбите на министрите за надворешни работи Димитров и Коѕијас.

„Се` што може да помогне кон изнаоѓање на решение треба да го искористиме. Ние јавно ги коментираме сите настани и јавно сме позиционирани. Дискутираме и внатрешно помеѓу институциите и политичките партии, а истовремено сме фокусирани на суштествени чекори кои ќе доведат конечно до решавање на овој чуствителен проблем во интерес на двете земји во преговарачкиот процес“, изјави премиерот Заев.

Тој ги повика пратениците, претседателот Иванов и опозицијата, активно да учествуваат во реформскиот процес. Премиерот потенцираше дека досегашниот напредок не е дело само на Владата, туку е успех на сите политички партии и институциите и граѓаните.

Тој соопшти и дека Владата донела одлука со која аеродромот „Александар Велики“ во Скопје ќе се преименува во „Меѓународен аеродром - Скопје“, а автопатот „Александар Македонски“ во „Пријателство“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG