Линкови за пристапност

Нема детали од средбата за името, лидерите најавуваат нови состаноци


Премиерот Зоран Заев изјави дека е оптимист оти може да дојде до национален консензус по ова прашање

Повеќе од пет часа траеше координативната средба на лидерите на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и на претседателот Ѓорге Иванов во Клубот на пратениците, на која се дискутираше за текот на преговорите со Грција, во врска со спорот за името и предлозите на медијаторот Метју Нимиц. Средбата беше иницирана од македонското Министерство за надворешни работи и министерот Никола Димитров.

Никој од присутните не откри детали за текот на средбата, а во нивните изјави само ја оценија како информативна и корисна најавувајќи нови средби. Дали постои усогласеност на учесниците за предлозите на Нимиц, останува да се види при неговата посета на Скопје за неколку дена.

Премиерот Зоран Заев изјави дека е оптимист и дека може да дојде до национален консензус по прашањето.

„Овој процес бара инклузивност, посветеност и политичка одговорност, со цел градење национален консензус. Со решавањето на билатералниот спор, кој трае 25 години, имаме цел да обезбедиме напредок и интеграција на Македонија во ЕУ и во НАТО, како и заштита на националните интереси и достоинството на нашиот народ“, рече Заев.

Тој додаде дека е потребна вклученост на Владата, опозицијата, претседателот на државата, како и навремено и објективно информирање на граѓаните на Македонија, но пред се`, политичка волја од двете страни.

Претседателот Иванов ги оцени како корисни сите средби на кои се разменуваат информациите, за да може да се изгради позицијата на Република Македонија.

„Процесот се води во рамките на Обединетите нации и потребно е тоа да биде одговорно во рамките на македонските интереси, и да не биде на штета на граѓаните“, изјави Иванов.

За лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, иднината на Македонија е во НАТО и ЕУ, но, одговорноста за преговорите сега е исклучиво кај Владата.

„Предлогот на медијаторот Нимиц, повеќе или помалку, е познат на јавноста во Македонија. Оваа средба требаше порано да се случи, сега ги имаме информациите, отсега одговорноста за процесот е на Владата“, рече Мицкоски.

Лидерот на ДУИ, исто така се воздржа од детали за средбата, за како што кажа, да не го наруши процесот. Тој смета дека ова е почеток на крајот на спорот.

„Ова беше еден од најплодните состаноци. Бевме информирани за средбата меѓу Заев и Ципрас. Го ценам дијалогот за потрага по решение. Ова е почетокот на крајот на еден процес за Македонија. Важно е да бидеме дел од НАТО, во мир и стабилност”, изјави Ахмети.

Координацијата на државно-политичкиот врв беше причина и за реакција на партијата БЕСА, која не присуствуваше на средбата.

„Се чуствуваме игнорирани, поради фактот што претставниците на мнозинството Албанци во Македонија, кои во овој случај не се ДУИ, се оставени надвор од процесот за информирање, во врска со преговорите за спорот со името“, стои во партиската реакција.

Инаку, на прашањето на Гласот на Америка, кој е ставот за средбата Заев- Ципрас, од Американсата амбасада соопштија дека „САД силно го поддржуваат процесот во ОН за решавање на долготрајниот спор меѓу Македонија и Грција. Ги повикуваме двете земји да се вклучат и заедно да соработуваат за градење доверба која може да доведе до взаемно прифатливо решение“.

Консултации се одржуваат и во Атина. Ципрас се среќава со шефот на државата, со коалициските партнери, но, и со лидерите на опозицијата, за да пренесе кои се новите моменти во прашањето со името.

Координациите на највисоко ниво, и во Македонија и во Грција, се толкуваат како јасен сигнал дека има придвижување во пресрет на посетата на Нимиц на регионот, кој од понеделник е во Атина, а во среда доаѓа во Скопје.

Не се исклучува можноста медијаторот, врз основа на она што ќе го слушне во двете престолнини, да се фокусира на поконкретни елементи од неговиот предлог на идеи, кој неофицијално содржи пет предлог-имиња.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG