Линкови за пристапност

Солунскиот суд ја одобри екстрадицијата на Грујевски и Бошковски


Двајцата веднаш поднесоа жалби до грчкиот Врховен суд по одлуката за нивното испорачување во Македонија, каде треба да им се суди за масовното нелегално прислушување. Во Грција пак ги чекаат уште два судски процеси, за фалсификувани документи и за азил

Горан Грујевски и Никола Бошковски, поранешните високи функционери во Управата за безбедност и контраразузнување (УБК), ќе бидат екстрадирани во Македонија, одлучи Апелацискиот суд во Солун. Пресудата која беше донесена на 22-ри декември се соопшти дури денеска поради проблемите со ангажирање на официјален судски преведувач на македонски јазик.

Според грчките медиуми, двајцата веднаш поднеле жалба на одлуката за екстрадиција до грчкиот Врховен суд во Атина, што сигурно ќе го забави процесот на екстрадиција.

Грујевски и Бошковски ги чекаат уште два судски процеси во Грција, независни еден од друг, а се за фалсификуваните пасоши со кои беа фатени и барањето за азил кое го поднесоа во текот на постапката за екстрадиција.

Во Македонија пак, поранешниот началник на Петата управа во УБК и неговиот заменик, се обвинети во случаите „Тврдина“ и „Таргет“. Истрагата на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), покажа и докажа дека тие биле дел од масовното нелегално прислушување на граѓаните. Исто така, двајцата учествувале и во уништување на опремата, за да се сокријат трагите од нелегалното прислушување.

За уништувањето на опремата и доказите за прислушување, каде Грујевски е првообвинет, скопкиот Кривичен суд одлучи да му се суди во отсуство и на почетокот на ноември го осуди на една ипол година затвор.

Судскиот процес за нелегалното прислушување на илјадници граѓани, политичари, бизнисмени и новинари, познат во јавноста како „Тврдина“, каде покрај Грујевски и Бошковски се обвинети и поранешниот шеф на УБК Сашо Мијалков и поранешниот министер за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, е закажан за 17-ти јануари. Првото рочиште се одржа на 22-ри декември минатата година, но експресно беше одложено поради отсуството на двајцата бегалци.

Горан Грујевски и Никола Бошковски побегнаа од Македонија кон крајот на јули минатата година, откако Врховниот суд ја потврди одлуката за определување на притвор. Истражен судија од Скопскиот кривичен суд, на почетокот на јули, им определи 30 дена притвор, но, тие останаа на слобода и поднесоа жалба до Врховен суд.

Ова беше преседан во македонското правосудство, бидејќи досега ниту едно лице на кое му бил определен притвор не добило можност да ја чека одлуката на Врховен суд на слобода. На 18-ти јули, Врховниот суд ја одби жалбата, а наредбата за нивно приведување беше добиена на 26-ти јули, кога тие веќе беа во бегство. Кога и како ја напуштиле Македонија и дали имале помош за бегството допрва треба да се открие.

Тие беа уапсени кон средината на октомври на солунскиот аеродром во обид да ја напуштат Грција со фалсификувани бугарски пасоши кои гласеле на имињата Христо Атанасов и Неџби Хасан.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG