Линкови за пристапност

Како функционира „нуклеарното копче“?


Војна на зборови меѓу претседателот на САД, Доналд Трамп и лидерот на Северна Кореја, Ким Јонг Ун

Американскиот претседател Доналд Трамп, преку Твитер му одговори на лидерот на Северна Кореја, Ким Јонг Ун велејќи дека неговото нуклеарно копче е „поголемо“ и „помоќно.“

Но, во реалноста нема нуклеарно копче.

Секоја нуклеарно вооружена држава има сопствен систем за започнување на нуклеарен напад, кој во повеќето случаи зависи од лидерот на државата кој треба да го потврди својот идентитет пред да одобри напад.

Започнувањето на нуклеарен напад од страна на САД е таен и детален процес, во кој е вклучена т.н. нуклеарна „топка“- 20 килограми тешка актовка која е носена од група воени офицери кои го придружуваат претседателот, без разлика каде тој се движи. Акт-чантата е опремена со уред за комуникација и прирачник во кој има воени планови. Во прирачникот има листа на локации кои се потенцијална цел на 900-те американски нуклеарни боеви глави.

Ако претседателот Трамп сака да нареди нуклеарен напад, тој треба да се идентификува до воените власти, користејќи кодови кои се снимени на картичка, која е позната како „бисквит“, и која претседателот ја носи со себе во секое време. Претседателот ја издава наредбата за напад до Пентагон и до Стратегиската команда, стационирана во сојузната држава Небраска.

Претседателот не треба да бара одобрение ниту од Конгресот, ниту од воените сили за да одобри нуклеарен напад.

Војната на зборови за нуклеарните копчиња започна во понеделникот, кога Ким Јонг Ун во говор рече дека „Ова не е лажна закана, и реалноста е дека јас имам нуклеарно копче на моето работно биро“. Тој додаде „Целиот континентален дел на САД е можна мета на нашиот нуклеарен напад“.

Северна Кореја е изолирана држава, чија нуклеарна програма беше развиена во тајност и многу меѓународни експерти се сомневаат дека Ким Јонг Ун има копче на неговото биро, иако нуклеарните копчиња се дел од имагинацијата на луѓето, Трамп преку Твитер на Ким Јонг Ун му одговори дека неговото копче е поголемо.

„Севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун само што кажа дека нуклеарното копче е на неговото биро, во секое време. Дали некој од неговиот истрошен и изгладнет режим може да го информира дека и јас имам нуклеарно копче, кое е поголемо и помоќно од неговото, и моето копче всушност функционира“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG