Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, е единствениот кандидат за претседател на партијата на вонредниот конгрес, што утре и задутре ќе се одржи во Валандово. До крајниот рок, којшто истече денеска во 15 часот, биле поднесени две кандидатури за претседателската функција во ВМРО-ДПМНЕ. Правната комисија во партијата ги разгледала кандидатурите и ја прифатила само онаа на Мицкоски, додека другата била отфрлена како некомплетна. Кој бил вториот кандидат од партијата, не соопштија. Она што е познато е дека Филип Петровски, кој јавно ја најави својата кандидатура, се откажал.
Христијан Мицкоски е реалтивно нов во ВМРО-ДПМНЕ и во јавноста. Тој е професор на Машинскиот факултет во Скопје, беше назначен за директор на ЕЛЕМ, а од 2015 година, па се` до смената на власта, беше советник за енергетика на премиерот. Мицкоски беше носител на советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ за Град Скопје на локалните избори на кои доживеа убедлив пораз. Неговата програма не е објавена, така што останува непознато кои ќе бидат приоритетите како лидер на најголемата опозициска партија.
Мицкоски, на својот профил на социјалната мрежа „Фејсбук“, попладнево ја објави кандидатурата, штом ја добил поддршката на огромен број членови на партијата и месни комитети, притоа потенцирајќи дека иако можел да остане професор на факултет и да се бави со наука, одлучил да не бега од предизвици.
„Ова за мене лично, е една од најсериозните одлуки во животот, целосно разбирајќи ја тежината, честа, но и одговорноста да се води партијата која е вградена во кодот на Македонецот и македонската држава и која ќе остане еден од главните темели на нашата татковина. Никогаш во животот не сум бегал од предизвици, а овој, можеби е мојот најголем, и јас тој го прифаќам“, напиша Мицкоски.
Кандидатура проследена со обвинувања и деманти
Неговата кандидатура беше причината поради која неколкумина истакнати членови на ВМРО-ДПМНЕ излегоа со обвинувања за фаворизирање, притисоци и недеомократски избор. Меѓу нив најгласни беа Филип Петровски кој тврдеше дека тој ги користи ресурсите на партијата во лобирањето и дека зад него отворено стои лидерот во оставка Груевски.
„Новиот лидер не може да биде избран во Валандово бидејќи ќе го носи товарот на марионета“, рече членот на Извршниот комитет на партијата Антонијо Милошоски.
Мицкоски, пак, ги отфрли обвинувањата.
„Сите што ме познаваат како човек и како политичар, знаат дека тоа не е точно, не сум вршел притисок врз некого. Очекувам да имаме успешен Конгрес и да биде избран нов претседател на ВМРО-ДПМНЕ“, изјави Мицкоски додавајќи дека ги почитува членовите на партијата кои иницираа одложување на конгресот и формирање на колективно претседателство.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во оставка, Никола Груевски, исто така преку „Фејсбук“ негираше дека стои зад Мицкоски и лобира за него. Тој ги потсети „бунтовниците“ во партијата дека одлуката за вонреден конгрес била донесена едногласно кај највисоките партиски тела.
„Одлуката беше донесена едногласно. Меѓутоа тоа што се случуваше во изминативе две недели по носењето на одлуката, притисоците и потезите, тоа е причината поради која бараме одложување на конгресот“, изјави членот на Извршниот комитет Илија Димовски.
Тој пред почетокот на седницата на Централниот комитет кој треба да ја верификува кандидатурата на Мицкоски, изјави дека останува во партијата, но нагласи дека таа ќе мора да се „отвори“ и да прифаќа различни мислења и ставови.
„Со новиот лидер и раководство ќе соработувам на оние точки и полиња на кои се согласуваме. Таму каде што не се согласуваме, ќе мора да го слушнат различното мислење, став или поглед“, рече Димовски.
Извори од партијата за Гласот на Америка изјавија дека Мицкоски не ужива голема поддршка во базата како што се прикажува во јавноста и на тоа се должи фактот што ќе има само еден кандидат.
Конгресот ќе ја обедини или разедини ВМРО-ДПМНЕ?
Конгресот во Валандово предизвика криза во ВМРО-ДПМНЕ, иако од партијата официјално ги отфрлаат таквите тврдења. Педесетина истакнати членови, меѓу кои се сегашни и поранешни пратеници, функционери и градоначалници испратија отворено писмо до партијата и до медиумите, во кое бараат одлагање на Конгресот во Валандово, избирање на привремено петчлено раководство и зголемување на бројот на делегати.
Зад ова барање застанаа Илија Димовски, Антонијо Милошоски, Трајко Вељаноски, Борче Стамов, Крсто Јовановски, како и основачите Владо и Дијана Транталовски.
Тука се и т.н. „реформатори“, чиј став е дека партијата мора да се исчисти од послушниците на „Груевски и фамилијата“ како и ФРОДЕМ. Тие сметаат дека барањето за одлагање на конгресот е сосема легитимно и демократски чекор но задоцнет. Тие го критикуваа и составот на делегатите на конгресот потенцирајќи дека се прецизно избрани од поранешниот лидер, за да се спроведе неговата волја при изборот на новиот претседател.
Во игра за наследник на Груевски беа неколку истакнати членови на ВМРО-ДПМНЕ и негови блиски соработници. Јавноста ги очекуваше кандидатурите на Илија Димовски, Антонијо Милошоски кој ја имаше поддршката на Никола Тодоров и на Никола Попоски кој во меѓувреме даде оставка од ИК на партијата. Меѓутоа, очигледно е дека тие се откажаа од кандидатурите, откако сфатија дека нема да ја добијат поддршката на луѓето блиски до Груевски која е пресудна за евентуалната победа на внатрепартиските избори.
Facebook Forum