Високото образование, како и секоја сфера на општеството во Македонија, не е имуно на корупција и затоа мора да се спроведе одлучна борба и да се воведат правила и механизми со кои ќе се искорени оваа појава. Ова е заклучокот од денешната трибина во која се одржа во Ректоратот на Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје, а која резултираше со потпишување на заедничка декларација од ректорите на седум универзитети во државата.
Со декларацијата „Универзитет без корупција“, ректорите се обврзаа на спроведување на Законот за заштита на укажувачите и генералната превенција на корупцијата на универзитетите.
Пред присутните ректори се обрати заменик-амбасадорот на САД, Михаела Швајцер Блум, која потенцираше дека борбата против корупцијата подразбира решителност на сите фактори во општеството.
„Вашите заложби покажуваат дека сте подготвени да ги насочите институциите во друга насока, таму каде што владеењето на правото се почитува. Денешната декларација е само парче хартија. Важно е што ќе направите со него“, рече Блум.
Блум побара од ректорите да преземат конкретни чекори со кои ќе се овозможи заштита на „свиркачите“ на универзитетите и да ги охрабрат професорите и администрација на универзитетите да пријавуваат корупција. Според Блум, неопходна е транспарентност во финансикото работење на универзитетите за да блокира евентуалната злоупотреба. Таа додаде дека силните демократски институции и независното судство ја прават корупцијата тешко достапна.
Министерот за образование Рената Десковска, на дебатата го презентираше најновиот Закон за високо образование, во кој се вклучени нови механизми за борба против корупцијата во образованието како што е поставување на „овластено лице“, со мандат од две години, каде студентите анонимно ќе може да пријавуваат корупција. Тој пак ќе биде задолжен сите пријави да ги проследи до Сенатот
„Во предлог-законот има неколку механизми за борба против корупцијата, како што се транспарентност на носење одлуки во универзитетите, деконцентрација на моќта и учество на студентите во одлучувањето. Законот за заштита на укажувачите е само една правна можност која ќе креира механизами за борба против корупцијата. Потребен е системски пристап кој ќе овозможи превентивно делување кое ќе создаде антикорупциски амбиент со кој ќе се исклучи можноста за корупција или ќе ја направи казнива и неисплатлива така што тешко дека некој ќе се одлучи за неа“, рече Дескоска.
Ректорот Никола Јанкуловски смета дека не може прецизно да се одреди степенот на корупцијаво високото образование.
„Никогаш не можеме да го знаеме вистинскиот обем на корупцијата затоа што добар дел од тие работи не се манифестираат во јавноста поради разни причини. Против корупцијата можеме да се бориме ефикасно само тогаш кога сме заедно, организирани и сплотени“, изјави Јанкуловски.
Денешната трибина и потпишувањето на декларацијата беше организирана од Институтот за стратешки истражувања и едукација – ИСИЕ, а поддржан од Амбасадата на САД во РМ.
Facebook Forum