Линкови за пристапност

Oставки во ДИК по скандалот со тајните бонуси


Претседателот и уште два члена утрово ги доставиле своите оставки во Собранието. Тие попуштија под притисокот на јавноста откако амбасадорот на САД, Џес Бејли, обелодени дека тие тајно си додели бонуси во износ од неколку илјади евра

СКОПЈЕ - Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Александар Чичаковски и членовите предложени од СДСМ, Виолета Дума и Игор Милев, утрово ги доставија своите оставки во Собранието, откако беше обелоденета скандалозната одлука со која тие си доделиле десетина илјади евра како бонуси. Од Собранието потврдија дека утрово биле архивирани трите барања за предврмен престанок на функцијата.

Претседателот Чичаковски не беше достапен за коментар или изјава.

Засега нема најави од останатите членови на ДИК дека ќе го сторат истото и ќе ја понесат моралната одговорност за своите одлуки.

Минатата недела американскиот амбасадор Џес Бејли обелодени дека членовите на ДИК и претседателот Чичаковски, едногласно донеле одлука со која си доделиле бонус од три плати за локалните избори и одлуката ја сокриле од јавноста.

Истражувањата потоа покажаа дека такви одлуки имало неколку, и дека членовите на ДИК за 18 месеци работа си доделиле и подигнале вкупно 30 плати. За илустрација, тие си доделиле бонус од три плати за откажаните предвремени избори во јуни минатата години.

Овие одлуки го навлекоа гневот на јавноста ако се земе предвид дека платата на членовите на ДИК се движи околу 60 илјади денари, а на тоа треба да се додадат и патните трошоци од стотици илјади денари кои неколку членови ги подигаат.

Членовите на ДИК упорно се бранеа дека не сториле ништо противзаконски, повикувајќи се на член 19 од Изборниот законик, со кој им е дозволно да си доделуваат бонуси, но признаа дека требало одлуката да ја објават јавно. Дел од членовите на ДИК, како Виолета Дума, сметаа дека нема ништо спорно во таа одлука, дека е етички и морално исправна и дека таа како и нејзините колеги ги заслужиле бонусите.

Сепак, по неколку дена жестоки реакции од јавноста и граѓанскиот сектор, интернет-петиции за колективна оставка, повеќето од членовите на ДИК најавија дека ќе ги вратат парите земени како бонус во буџетот или пак ќе ги донираат во добротоворни цели.

„Пари за пченица и свеќи не ми се потребни. Бонусите ќе ги вратам“, рече на јавната седница Сашо Срцев, член на ДИК предложен од ВМРО-ДПМНЕ.

Премиерот Зоран Заев не ги повика членовите на ДИК на одговорност и не ја побара нивната оставка, но сепак денес ја поздрави одлуката да ги вратат парите од бонусите заради критиките на јавноста, како и оставките на дел од нив кои ги оцени ги како морален чин.

Мандатот на овој состав на ДИК истекува во 2020-та година. Чичаковски е прв човек на ДИК од редот на експертите од 2015-та по постигнувањето на Пржинскиот договор, а Дума и Милев се предложени од редот на политичките партии односно СДСМ.

Собранието, кое ги именува членовите на ДИК на предлог на партиите, може да ги прифати оставките и да ги разреши од функцијата, само со гласање за кое е потребно двотретинско мнозинство од бројот на пратениците.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG