Членовите и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ, неколку часа по изрекувањето на притворите на шестмина пратеници излегоа на протест пред Министерството за правда, барајќи итно пуштање на слобода заедно со останатите притворени поради насилствата во Собранието од „крвавиот четврток“.
Лидерот Никола Груевски беше меѓу демонстрантите кои веќе неколку дена излегуваат на скопските улици, но сега не се обрати на насобраните членови и симпатизери.
Поранешниот пратеник и висок функционер на партијата, Александар Николовски, истакна дека со денешната одлука судот потврдил дека во Македонија имало диктатура.
„Она што се случи денес е невидено не само во историјата на Македонија, туку и во еден поширок контекст. Да се стави во притвор 5 проценти од целокупниот пратенички состав, односно 12 проценти од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, не е ништо друго, туку инсталирање на диктатура“, рече Николовски.
Тој нагласи дека биле погазени сите демократски принципи со нивното спроведување со лисици и притварање, и тоа ќе влијае на политичката состојба во државата, бидејќи дијалогот повеќе не доаѓа предвид.
„Прво беа изнесени брутално со лисици на рацете од нивните домови, а денес судот под раководство на СДСМ и хунтата на Заев, донесе одлука да ги притвори. Ова однесување води кон целосна поларизација и радикализација во Македонија, после овој потег денес невозможно е веќе политички дијалог во Собранието“, изјави Николовски.
Тој ги обвини СДСМ дека немаат чесни намери кон сопствената држава, бидејќи наметнуваат силна политичка конфронтација и додаде дека денешната одлука ќе има последици.
Пред присутните на протестот говореше и еден од основачите на партијата, Мане Јаковлевски, кој рече дека ВМРО-ДПМНЕ не е само политичка партија, туку и идеологија нагласувајќи дека секогаш по падовите и кризите, се враќале уште посилни.
Пред еден час, во седиштето на партијата на прес-конференција се обрати генералниот секретар Христијан Мицковски, кој обвини за монтиран прогон, неправда и политизирано судство и нагласи дека се закопани сите можности за нормално функционирање на Собранието и за дијалог.
„Денешниот ден ќе биде запишан во историјата како ден во кој хунтата на Зоран Заев притвори шест пратеници. Ова е тиранија. Монтираниот прогон има за цел да го замолчи народот. ВМРО-ДПМНЕ бара итно и безусловно запирање на политичкиот прогон и пуштање на слобода на притворените“, рече Мицковски.
Тој порача дека протестите продолжуваат.
Судија на претходна постапка од скопскиот Кривичен суд, по денешниот петчасовен распит, им одреди триесетдневен притвор на пратениците Крсто Мукоски, Сашо Василевски и Љубен Арнаудов, кои беа спроведени во истражниот затвор. На пратениците Јохан Тарчуловски, Жаклина Пешевска и Љупчо Димовски им беше одреден куќен притвор.
Нивните бранители најавија жалби на судската одлука.
Шестмината пратеници беа приведени минатиот четврток, но по распитот беа пуштени на слобода затоа што имаа пратенички имунитет. Судот побара да им биде одземен, на што позитивно одговори Комисијата за мандатно-имунитетски прашања, а потоа во Собранието со гласање им го укина имунитетот на тие пратеници.
Ова е прв пат во историјата на независна Македонија, на пратеник да му биде одземен имунитет и да биде спроведен во притвор.
Facebook Forum