Линкови за пристапност

Амбасадорот Бејли говореше за корупција и го впери прстот во ДИК


Американскиот амбасадор откри дека членовите на ДИК едногласно си изгласале и поделиле бонус од девет плати. Од ДИК веднаш реагираа и закажаа јавна седница на која „ќе ја ревидираат“ одлуката. Тој нагласи дека покрај реформите клучот е во решавањето на спорот со името за влез во НАТО и ЕУ

Американскиот амбасадор во Македонија, Џес Бејли, смета дека борбата со корупцијата, реформите и проблемот со Грција, се клучните точки кои мораат да се aдресираат за што побрз прием на државата во ЕУ и НАТО. Тој денеска пред студентите на Факултетот за безбедност, говореше за борбата против корупцијата, важноста и ефектите, и ја посочи ДИК како пример со кој се доведува во прашање посветеноста на лидерите, институциите, но и на медиумите за откривање на коруптивни дејства.

Според Бејли, членовите на ДИК едногласно изгласале бонус од девет плати во текот на оваа и минатата година и си ги поделиле.

„Еве што слушнав. Членови на ДИК си изгласале дополнителна плата за 4 дополнителни месеци за нивната работа на октомвриските избори кои штотуку завршија. Тие претходно дополнтелно добиле и плата за 5 месеци по изборите во 2016 година. Гласањето во комисијата било едногласно, сите партии и сите етникуми, а персоналот во комисијата добил помали бонуси“, рече Бејли.

Тој нагласи дека дури и да е постапката законска, спорно е што е сокриена од јавноста.

„Јас сум јавен службеник, поддржувам наградување на јавни службеници кои работат повеќе од предвиденото. Но, имам прашања во врска со ова, ДИК е независно тело, можеби овој потег бил дури и легален. Но, гласањето се случило зад затворени врати. Што кажува ова за вредностите на самата организација“, додаде Бејли.

Амбасадарот потенцираше дека тој го обелоденува овој случај затоа што досега не слушнал никаква реакција ниту од надлежните државни органи, ниту од свиркачи, ниту во Собранието, ниту од истражувачкото новинарство.

Од ДИК веднаш се јавија со соопштение во кое посочија дека доделувањето на бонусите е законско и дека нема ништо спорно во тоа, но истовремено закажуваа седница за утре на која ќе се разгледува оваа одлука.

„ДИК од распишување до завршување на изборите е во постојано заседание, континуирано, без оглед на неработни денови и празници и работниот ден најчесто трае повеќе од 20 часа. Членовите на ДИК, одлучија на јавна седница која ќе биде одржана утре да расправаат по предлог-одлука за отповикување на донесените одлуки за определување на надоместок за членовите на ДИК и вработените во стручната служба за спроведените избори“, стои во соопштението на ДИК.

Американскиот амбасадор се осврна и на евроатлантската интеграција на Македонија. Според Бејли, покрај реформите, клучот е во решавањето на спорот со името и задржувањето на партнерството со НАТО и ЕУ.

„Тоа што можам да го кажам е дека САД и НАТО се обидуваат што побрзо да ја зачленат Македонија. Мислам дека патот кон НАТО има два клуча, едниот е државата да се држи во насока на евроатлантското семејство, а вториот клуч е согласувањето со Грција околу прашањето со името. Гледаме подобрување во оваа насока “, рече амбасадорот.

Тој ги поздрави чекорите на актуелната власт посочувајќи ги планираните реформи во судството, разузнавањето и следењето на комуникациите како и обидите за враќање на владеење на правото.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG