Линкови за пристапност

22 генерација волонтери од САД во Македонија


По единаесет недели интензивна обука, мировните волонтери дадоа официјална заклетва

„Волонтерите, не само што го претставуваат најдоброто што му го нуди Америка на светот, туку со себе го враќаат и најдоброто што може Македонија да го понуди на светот и на САД, градејќи долговечен мост на соработка меѓу луѓето“, рече амбасадорот на САД во Македонија Џес Бејли, на денешното давање официјална заклетва на 50-те нови американски волонтери, 22-та генерација припадници на Мировниот корпус (Peace Corps) во Македонија.

Покрај 50-те волонтери од 21 сојузна држава, од Тексас до Алјаска, на свеченоста присуствуваа претставници на локалната самоуправа и на заедниците во населените места во Македонија, во кои се одвиваше речиси тримесечната обука (Велес Неготино, Св. Николе, Теарце и Лозово), претставници на семејствата-домаќини, кај кои беа сместени волонтерите, како и 26-члениот тим, кој беше одговорен за спроведување на обуката на волонтерите и вработените во Мировниот корпус.

Како дел од интензивната обука и подготовките за нивната работа во Македонија, волонтерите живееја во домовите на семејства-домаќини, го изучуваа македонскиот и албанскиот јазик и култура, а имаа и практична обука, низ предавања во локални училишта и низ помош во локалните невладините организации.

Педесетте Американци, по денешното свечено давање на заклетвата, почнувајќи веќе од утре, во следните две години ќе волонтираат во повеќе од 30 заедници ширум Македонија.

Модератор на настанот беше менаџерката за обука во Мировниот корпус во Македонија Евелина Алибеговска, која во нејзиниот говор, им се заблагодари на волонтерите „за смелоста да ги следат своите соништа, за посветеноста и желбата да поминат две години од нивниот живот, помагајќи и на мојата земја. Не знам дали ќе ги решат сите проблеми во светот, но знам дека ќе им направат разлика на децата во училиштата, на луѓето со кои ќе работат и оние со кои ќе живеат“.

Покрај амбасадорот Бејли, кој изрази восхит кон волонтерите, и потенцираше дека во дождливиот скопски ден, во салата едноставно блика позитивна енергија, и им се заблагодари на семејствата-домаќини и на претставниците на локалната самоуправа и на заедниците, во кои се обучуваа и ќе работат волонтерите.

На присутните на свеченоста им се обрати и Марк Ханафин, директор на Мировниот корпус во Македонија.

„Сите овие 50 извонредни американски мажи и жени одлучија да служат за некоја повиска цел. Многу од луѓето со коишто соработуваат нашите волонтери, ќе станат лидери утре, а нивната интеракција со волонтерите ќе придонесе за тоа“, рече Ханафин.

Како илустрација на наученото на обуката, волонтерката Кејтлин Рампи ја прочита нејзината поема инспирирана од Македонија, и од нејзините искуства за време на престојот, во превод на македонски јазик.

А седумтемината музичари меѓу волонтерите, Лин, Џејми, Лорен, Кејти, Ема, Хејли и Ник, како што едноставно го претстави водителката, на своите инструменти донесени од САД, но и на тапанот позјамен „од баба Станика од село Лозово“, ги изведоа песните „Македонско девојче“ на македонски и „Јарнана“ на албански јазик.

На крајот на церемонијата, волонтерките Тамера Меклауд и Шарлот Чаза Гајер, на македонски и на албански јазик, во име на своите колеги, ја претставнија 22-та генерација волонтери инивните цели во Македонија.

Во Македонија досега волонтирале повеќе од 700 американски државјани, живеејќи и работејќи со македонските граѓани, од отворањето на канцеларијата на Мировниот корпус во 1996-та година.

Волонтерите во Мировниот корпус работле во речиси сите општини во Македонија, соработувале со над 500 наставници, учејќи повеќе од 100.000 ученици и работејќи во партнерство со повеќе од 400 организации, а организирале 20-тина младински кампови и над 100 мали проекти.

Мировниот корпус е основан во 1961-та година од претседателот Џон Ф. Кенеди, со цел да им помогне на земјите, кои имаат потреба од квалификувани лица кои ќе обезбедуваат техничка помош, да помогне во промовирање подобро разбирање на американскиот народ, како и да сподели информации за заедниците и земјите каде што живеат и работат волонтерите со американските заедници и семејства.

Волонтерите на Мировниот корпус работат на зајакнување на мирот во меѓународната заедница, и на подобро разбирање меѓу луѓето од различни култури и традиции.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG