Линкови за пристапност

Имунитетот на шестмината пратеници виси на конец


Спикерот Талат Џафери ја закажа за утре на пладне седницата на Собранието на кое ќе се гласа дали на шестмината пратеници од ВМРО - ДПМНЕ и Социјалистичката партија ќе им биде одземен имунитетот поради нивната инволвираност во насилствата од „крвавиот четврток“. Џафери експресно ја закажа седницата по денешната одлука на Комисијата за деловничко и мандатно-имунитетни прашања за уважување на барањето на Судот.

Ако се земе во обзир дека за одземање на имунитет е потребно просто мнозинство од 61 глас повеќе од веројатно е дека пратениците Крсто Мукоски, Жаклина Пешевска, Љубен Арнаудов, Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски и Сашо Василевски ќе останат без заштитата која ја нуди функцијата што ја извршуваат.

Тие, заедно со уште триесетина лица, се обвинети за „терористичко загрозување на уставниот поредок“ по член 313 од Кривичниот законик за кое е предвидена минимална затворска казна од 10 години.

Инволвираноста на пратениците ја потврдуваат снимките од безбедносните камери поставени во Собранието на кои јасно се гледа како пратениците Мукоски и Василевски ги отвараат вратите на Парламентот и им овозможуваат на граѓаните да упаднат внатре. Некои од нив потоа ги насочуваат кон прес салата каде во тој момент беа лидерот на СДСМ Зоран Заев, тукушто избраниот претседател на Собранието Талат Џафери, лидерот на Алијанса - Зијадин Села и уште десетина пратеници.

Инаку, комисијата за мандатско имунитетни прашања ја донесе одлуката експресно со пет гласа „за“ при поединечното гласање за секое од шесте барања на судот. На седницата на Комисијата не присуствуваа четворицата пратеници од опозициската ВМРО - ДПМНЕ. Интересно е што токму Јохан Тарчуловски и Крсто Мукоски се членови на оваа комисија.

Пред почетокот на гласањето збор побара само пратеникот од СДСМ, Александар Кирацоски, кој истакна дека инцидентот мора да се расчисти.

„Институциите имаат должност да го расчистат случајот, а делата од ваков карактер никогаш да не се повторат. На 27 април повеќе наши колеги беа повредени, малтретирани и ставени во заложништво. Тоа се коси со сите човекови права. Делата кои се случија на тој ден се евидентни. Досега судот барал да се симнува имунитет на пратеник, а Собранието го овозможувало тоа“, рече Кирацовски.

Доколку Собранието ја уважи одлуката на Комисијата, шестмината пратеници повторно ќе мора да се појават на распит во Кривичниот суд. Овој пат судијата на претходна постпка ќе може да ги искористи мерките притвор и куќен притвор кои му стојат на располагање а кои ги бара Обвинителството.

Досега на 13 лица им беше одреден триесетдневен притвор и тие беа спроведени во истражниот затвор „Скопје“ во Шуто Оризари. Поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков, веќе почна штрајк со глад во затворот. Во притвор се наоѓаат и лидерите на граѓанската иницијатива „ За Заедничка Македонија“, Игор Дурловски и Богдан Илиевски, чии приврзаници упаднаа во Собранието откако им беа отворени вратите. Притвор добија и телохранителот на Чавков и шефот на собраниското обезбедување како и неколку членови на т.н. „македонски патриотски здруженија“. На шест лица им беше одреден куќен притвор.

Полицијата сеуште трага по 12 лица кои се на списокот на Обвинителството а се во бегство.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG