Линкови за пристапност

Одреден притвор на петмина приведени за „крвавиот четврток“


Распитот ќе продолжи во текот на ноќта а судот најави дека официјално ќе излезе со информација за десетина часа. Еден пратеник го напушти судот по распитот. Полицијата трага по 12 лица. Стотина граѓани протестираат пред судот. Од ВМРО - ДПМНЕ тврдат дека станува збор за хајка

Поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков, е спроведен во истражниот затвор во Шуто Оризари откако судија на претходна постапка му одреди триесетдневен притвор. Според официјалните информации од судот, притвор им е одреден и на полициските службеници Мунир Пепиќ и Оливер Радулов, како и на лидерите на иницијативата „За Заедничка Македонија“, чиишто приврзаници упаднаа во Собранието, Игор Дурловски и Владо Јованов. Пратеникот Крсто Мукоски беше пуштен по распитот и си замина дома.

Во моментов се` уште трае распит на дел од приведените, меѓу кои се тројца пратеници, како и Богдан Илиевски - „Бетмен“ и Борис Дамовски кои исто така ги водеа протестите на иницијативата „За Заедничка Македонија“.

„За останатите лица, за кои и натаму не е завршено сослушувањето, по донесено решение на судија на претходна постапка во однос на предлогот на обвинителството, јавноста ќе биде информирана утре, преку соопштение на веб-страницата на судот со целосна информација за донесените решенија“, рекоа од Кривичниот суд.

Полицијата денеска приведе 24 лица на барање на Обвинителство во врска со насилниот упад во Собранието на 27-ми април, познат како „крвавиот четврток“. Уште 12 лица, меѓу кои и пратеникот Јохан Тарчуловски се недостапни.

Од Обвинителството соопштија дека сите 36 лица се товарат за кривично дело тероризам по член 313 од Кривичниот законик, за што е предвидена минимална затворска казна од десет години.

Меѓу овие 36 лица се и шестмина пратеници Крсто Муковси, Сашо Василевски, Љубен Арнаудов, Жаклина Пешевска, Љупчо Димовски и Јохан Тарчуловски, за кои судот пред неколку часа, писмено, побара од Собранието одземање на нивниот имунитет. Во јавноста веќе се води полемика дали имунитетот важи за овие пратеници, а од Собранието најавија дека веднаш по враќањето на спикерот Џафери, односно во текот на денот, ќе биде свикана Комисијата за мандатско-имунитетни прашања.

Што точно кажале приведените при распитот и како се бранеле, засега не е познато. Единствено информација има за Чавков, кој тврдел дека нема вина кај него, бидејќи полицајците можеле да дејствуваат самоиницијативно и да не ја чекаат неговата команда како шеф на Оперативниот штаб за заштита на Собранието.

Адвокатите на приведените се воздржаа од изјави, но се очекува дека тие веднаш ќе поднесат жалби на одредените притвори.

Груевски повика на протести, слаб одзив

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, преку социјалната мрежа „Фејсбук“ ги повика граѓаните, членовите и симпатизерите на протест пред Кривичниот суд. Сепак одзивот беше многу послаб од очекуваното. Само неколку стотини граѓани се појавија пред судот, а меѓу нив немаше речиси никој од потесното раководство на партијата.

Пред насобраните се обратија повеќе членови на партијата кои тврдеа дека се работи за политички прогон. Во своите говори нагласуваа за нехумана постапка на полицијата, бидејќи осомничените биле приведувани пред нивните семејства. Некои од нив, како поранешниот директор на Државниот архив, Филип Петровски, побараа радикализација на протестите.

Груевски на прес-конференција рече дека Македонија е „заробена држава“ и дека СДСМ врши политичка хајка, невиден терор и репресија врз членовите на неговата партија. Т ој побара ослободување на сите приведени и итно запирање на сите постапки.

„Ова е борба на народот за својата држава против хунтата на власт, која ја води оваа заробена држава. Бараме итно и безусловно стопирање на малтретирањето и теророт и итно пуштање на слобода на сите лица кои се опфатени со овој класичен политички прогон“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Протестот се` уште трае, а булеварот пред судот е блокиран за сообраќај.

Иванов: мора да има одговорност за 27 април, загрижен сум поради реваншизмот

Претседателот Иванов, околу 20 часот, имаше вонредно обраќање до јавноста, во кое побара одговорност за физичкото, но и политичко насилство од 27-ми април.

„Кој постапил спротивно на Уставот и законот, треба соодветно да одговора, но одговорноста не треба да се генерализира. Мора да се почитуваат човековите права, презумпцијата на невиност и да се внимава на квалификациите на кривичните дела“, рече Иванов.

Тој недвосмислено им даде поддршка на лидерите на протестите „ За Заедничка Македонија“ и додаде дека тие не се, и не може да бидат квалификувани како терористи. Според него, учесниците на протестите два ипол месеци, на мирен и достоинствен начин ја искажувале грижата за националните интереси на Македонија.

„Граѓаните кои се сплотија и ја демонстрираа идејата за заедништво, не се, и не може да бидат третирани како терористичка организација“, рече Иванов.

Претседателот изрази загриженост поради се` почестите информации за политички реваншизам кој дополнително внесува нестабилност. Иванов нагласи и дека во услови кога нè очекува исполнување на многу преземени обврски за консолидација на општеството, како и на планот на евроатлантската интеграција, целата енергија треба да е фокусирана кон градење консензус за национален дијалог и исполнување на реформите.

Што досега се случи во истрагата

Шест месеци по „крвавиот четврток“, истрагата на Обвинителството не донесе речиси ништо. Кривични пријави беа поднесени против четириесетина лица, но квалификацијата на делото „учество во толпа“ наиде на остра критика на јавноста и експертите. Во неколку судски процеси деветмина добија условни казни откако ја признаа вината. Единствен што доби затворска казна, четири години, беше напаѓачот на вицепремиерката Радмила Шеќеринска.

Најзвучно име меѓу приведените досега беше Игор Југ, лице со дебело криминално досие за кое снимките од инцидентот покажуваат дека е наоружен. Т ој во моментов е во притвор и чека судење.

Потешка квалификација добија десетмина кои се осомничени дека учествуваа во бруталното претепување на Зијадин Села. Тие ќе одговараат за обид за убиство и за помагање. Сепак, обвинителниот акт допрва треба да се оценува, што значи дека ќе се почека на стартот на судскиот процес.

МВР можеби имаше најголем успех во интерната истрага која ја спроведе посебна комисија. Единаесет полициски службеници добија отказ поради нивната инволвираност во насилствата, 42-ца беа суспендирани, а против 70 беше поведена дисциплинска постапка.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG