Линкови за пристапност

Груевски на распит во СЈО, се истражуваат финансиски малверзации


За лидерот на опозицијата, ова е политичка хајка за да се дефокусира јавноста од неуспесите на актуелната Влада и да се прикаже како осомничен; за Обвинителството пак е само формалност во рамките на нов случај кој го испитуваат

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и поранешен премиер Никола Груевски, денеска за прв пат се појави во просториите на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), откако беше повикан на распит како сведок во нова предистражна постапка што ја води ова Обвинителство. Станува збор за сомнение за финансиски малверзации поврзани со електрична енергија и земена провизија. Распитот траеше два и пол часа. Предистрагата е отворена по преслушување на нелегално сминени разговори т.н. „бомби“, кои досега не се објавени во јавноста.

Шефицата на СЈО Катица Јанева, изјави дека Груевски е сослушуван во својство на сведок и дека и други лица се или ќе бидат повикани, но не откри повеќе детали за конкретната предистрага.

„За истата предистрага се повикуваат и други лица. Станува збор за два разговора меѓу две лица кои не се објавени во јавноста. Тие се вештачени и е воспоставена надлежност за овој предмет. Станува збор за земена провизија поврзана со електрична енергија“, рече Јанева.

Таа потенцираше дека овој случај не е поврзан со претходните за кои што имаат обвиненија или се водат истраги, туку се работи за сосема нова предистражна постапка.

Груевски пак, смета дека станува збор за непостоечки случај и дека ова е обид за негова дискредитација прикажувајќи го како осомничен но и шанса да се дефокусира јавноста од неуспесите на актуелната Влада.

„Јас сум работел законски. Сето ова има политичка позадина со цел да се оттргне вниманието на граѓаните од основните проблеми со кои што се соочува државата “, изјави Груевски.

Тој додаде дека СЈО работи незаконски, со истечен мандат и без никакви овластвувања да поднесува обвиненија но сепак се одзвал на поканата.

„Им укажав дека ова што го работат е незаконски. Нивниот мандат е одамна истечен и овие предистражни постапки кои ги тераат се практично малтретирање на граѓаните во услови кога тие не можат да поднесуваат никакви обвиненија. За да не излезе дека одбегнувам да дојдам, дојдов и им го кажав моето мислење и одговорив на некои прашања што ме прашаа“, рече Груевски.

Според законските процедури, во текот на предистрагата сите инволвирани имаат својство на сведоци, а потоа врз основа на анализа исказите и доказите Обвинителството треба да одлучи дали ќе отвори истрага и поднесе обвинителен акт.

СЈО ја доби првата правосилна пресуда

Денеска беше донесена и првата правосилна пресуда за нелегалното прислушување по обвинителен акт поднесен од СЈО. Станува збор за предметот „Таргет - Тврдина“ .

Станува збор за службеник во УБК кој учествувал во нелегалното прислушување на илјадници граѓани. Тој ја признал вината па затоа доби само условна казна, шест месеци затвор доколку во наредните две години не го повтори делото.

„Ја известуваме јавноста дека во предметот „Таргет - Тврдина“ е раздвоена кривичната постапка за едно лице, за кое, врз основа на признание на вина, на ден 17.11.2017 година, е донесена пресуда. На обвинетото лице му е изречена алтернативана мерка – условна осуда за кривичното дело - помагање на сторител во извршено кривично дело“, информираа од СЈО.

Случајот „Таргет-Тврдина“ за кој СЈО поднесе обвинителен акт се однесува на незаконско уништување на два система за прислушување во МВР и следење на комуникациите на над 5.000 телефонски провеви без судска наредба.

Со обвинителниот акт се опфатени дванаесет лица меѓу кои се поранешниот министер за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, шефот на неговиот кабинет Тони Јакимовски како и двајцата бегалци Горан Грујевски и Никола Бошковски кои во моментов се наоѓааат во екстрадициски притвор во Грција откако беа уапсени по меѓународна потерница од Интерпол во обид да заминат од солунскиот аеродром.

Апелацискиот суд денеска одлучи два прислушувани разговора да се користат како доказ во судскиот процес за предметот „Титаник 2“. Една од тие снимки беше објавена во јавноста, разговор меѓу поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков и лидерот на ДПА Мендух Тачи во кој се договараат околу гласање на членот на ДПА во однос на поднесени приговори за изборите во ДИК.

Ставот на престедателот на ВМРО-ДПМНЕ е дека снимките не може и не смее да се користат како докази во евентуалните судски постапки.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG