Линкови за пристапност

Јовески: Расветлувањето на настаните од 27 април ќе биде приоритет на Обвинителството


Партиските притисоци мора да запрат. За селективниот пристап и неажурноста ќе се бара одговорност а предметите кои со години се во фиоки конечно ќе се најдат на масите на обвинителите. Секој што ќе го прекрши законот ќе биде гонет без разлика дали е граѓанин или лице зад кое стои некој центар на моќ

Љубомир Јовески е на чекор пред назначување на функцијата шеф на Јавното обвинителство откако се профилираше како единствен избор на Владата. Останува уште на Собранието да го изгласа. Доколку ја добие довербата на 61 пратеник во Собранието тој ќе го наследи Зврлевски на позицијата од која треба да се плашат сите кои го прекршиле законот, без разлика дали станува збор за функционери, бизнисмени, политичари од власта и опозицијата или граѓани.

Јовески, за Гласот на Америка на македонски, најави дека расветлувањето на настаните од 27 април и насилниот упад во Парламентот како и ревидирање на досегашното постапување ќе биде приоритет по неговото назначување.

„ Доколку бидам избран за јавен обвинител, за овие случаи ќе побарам реферирање за досегашното постапување. Бидете уверени дека и тие случаи ќе бидат истражени неселективно. Ова сигурно ќе ми биде една од првите работи, по превземањето на функцијата доколку бидам избран, за да се утврди вистината за настаните на 27 април и сторителите“, вели тој.

Случајот „Поткуп“ каде е обвинет премиерот Зоран Заев е првиот тест кој треба да го мине новиот обвинител.

„Поткуп“ за мене не е поразличен од било кој друг предмет и доколку се докаже кривично дело и сторител на кривично дело, ќе се одговара согласно законите на Република Македонија“, додава Јовески.

Тој јавно и отворено говори за нарушениот имиџ на Обвинителството и недовербата на граѓаните во оваа институција за кои смета дека се последица на партиските притисоци. Токму затоа има голем број на предмети кои се во фиоките на обвинителите и по кои не се постапува. Јовески потенцира дека нема да толерира неажурност но и дека ќе се фокусира на предмети во кои не се постапувало навремено поради надворешни влијанија или центри на моќ.

„ За мене е најважно почитувањето на принципот на легалитет, односно во сите случаи каде што ќе се утврди дека има сторено кривично дело, извршителот ќе се гони, без разлика за кого се работи, без разлика на политичка припадност или дали доаѓа од некој центар на моќ. Доколку се утврди дека некој обвинител чувал предмети во фиока и не постапувал согласно професијата и законите. Одговорноста ќе ја барам лично од обвинителот, но и од претпоставениот доколку вршел влијание врз него“, потенцира Јовески за кого е императив враќање на правото и правната држава.

Никола Младенов, „Актор“, „Македонска банка“, 24 декември - „црниот понеделник“, фалсификуваните дипломи во Академијата за судии и обвинители се само дел од случаите кои јавноста очекува да бидат отворени и да се преиспита постапката.

„Се уште е рано и непрофесионално е да говорам за конкретни случаи, бидејќи е неопходно прво да се видат фактите и доказите. Но, она што го ветувам е доколку за некој случај се утврди незаконско постапување или непостапување , па и за овие за кои ги бара јавноста, ќе се работи неселективно и соодветно на законите. За мене ниту имало ниту има табу случаи“, вели Јовески.

Тој тврди дека една од најлесните задачи ќе му биде одвојувањето на Обвинителството од владеачкиот апарат бидејќи самиот никогаш не потпаднал на притисоци и влијанија и преку своето искуство ќе ги охрабри обвинителите да работат чесно и според законот истовремено гарантирајќи им ја неговата заштита.

Уште едно прашање кои ја тангира јавноста но и самото Обвинителство се најавените реформи во правосудството кои предвидуваат СЈО да биде вратено во Јавното обвинителство како посебно одделение.

„Треба да се размислува СЈО да се инкорпорира поцврсто во јавно обвинителската организација. Но за ова треба да се отвори поширока стручна расправа“, смета Јовески.

Љубомир Јовески беше еден од дваесет и тројцата кандидати кои се пријавија на конкурсот на Владата за нов шеф на Јавното Обвинителство а конкуренција му беа колеги обвинители, судии, адвокати, професори и нотари. Кариерата ја почнал во 1979 година во секретаријат за правосудство каде работел 8 години. Потоа е избран за судија во скопскиот Основен суд 2 каде се задржал 14 години од кои последните 4 како претседател на судот. Во 2003 година Јовески е избран за заменик јавен обвнител и во Обвнителството останува 13 години. Последните две години е член на Советот на јавните обвинители.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG