„Разговорите околу тоа зошто повеќе од 150 македонски државјани се приклучиле на ИСИС во Сирија и Ирак, треба да се нормализираат, како што се отвора дискусија и дебата за тоа што да се прави со оние кои се враќаат во Македонија. Нема да има решенија, сè додека не можат сите да зборуваат за проблемот на чесен, непристрасен и директен начин. Отворен дијалог, врз основа на доверба и почит, за да се идентификува како можеме да работиме заедно подобро, за да пронајдеме вистински решенија за овој проблем“, рече амбасадорот на САД во Македонија Џес Бејли, на конфренецијата „Странски терористички борци, промовирање, превенција и отпорност”, во организација на мисијата на ОБСЕ во Република Македонија и американската амбасада.
Амбасадорот истакна дека Македонија е стратешки партнер на САД и сигурен партнер во борбата против тероризмот и ширењето на насилниот екстремизам.
„За да се блокираат терористите и ширењето на насилниот екстремизам, треба пристап од целото владино тело. Всушност, треба пристап на целото општество. Не може само МВР да ги брка „лошите момци“, треба да постои институционална соработка помеѓу министерствата и актерите на граѓанското општество, вклучувајќи ги и невладините организации, верските групи, медиумите и лидерите на заедницата“, додаде Бејли.
Американскиот амбасадор смета дека најголема предност во Македонија е што секој со секого се познава и затоа се знае што се случува во вашите заедници.
„Борбата против тероризмот е борба против непознатото. Македонија е мала држава. Затоа е полесно да се открие што се случува околу вас. Но треба да ја надминеме неподготвеноста да зборуваме за радикализација. Ние треба да бидеме искрени“, заклучи Бејли.
На конференцијата се обрати и премиерот Зоран Заев, кој смета радикализација и учеството во терористичките организации, е проблем на сите земји од Западниот Балкан и претставува закана за безбедноста на регионот.
Тој потенцираше дека тероризмот нема националност и религија.
„Ако е така, тогаш и борбата против насилничките закани против човештвото, немаат националност и религија, и во справувањето со нив мораме да бидеме единствени и заедно“, рече Заев.
Премиерот смета дека Македонија и останатите држави во регионот континуирано се изложени на закани и ризици од тероризмот и насилниот екстремизам, со сите нивни појавни форми.
„Имајќи ја предвид сложеноста на радикализацијата и насилниот екстремизам кои водат кон тероризам, овие феномени се во врвните безбедносни приоритети на нашата земја“, додаде Заев.
Едно од решенијата, според македонскиот премиер е соработка меѓу државите на сите нивоа, а како основа ја наведе регионалната платформа за борба против насилниот ектремизам и појавата на странски борци.
Facebook Forum