Линкови за пристапност

Обвинителството бара максимална казна за Грујевски


Обвинителството бара максимална казна за Грујевски
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:17 0:00

Пресудата за случајот „Тврдина 2“ ќе биде соопштена во среда. Ова ќе биде прва пресуда која се однесува на масовното нелегално прислушување и може да влијае на натамошниот тек на настаните и на судскиот процес кој допрва треба да почне за случајот „Таргет“

Поранешниот началник на Петата управа на тајната полиција, Горан Грујевски, е виновен за уништувањето на доказите за масовното нелегално прислушување и треба да биде осуден на максимална затворска казна. Ова е ставот на Специјалното јавно обвинителство кое беше соопштено на завршните зборови на денешното рочиште на судскиот процес познат во јавноста како „Тврдина 2“.

„Ги изнесовме нашите завршни зборови. Обвинетиот Горан Грујевски превзел низа незаконски дејства. Убедени сме во основаноста на обвинените и како што кажав и минатиот пат очекувам осудителбни пресуди“, изјави обвинителката Ленче Ристоска.

Одбраната на Грујевски, пак, која бараше судењето да се одложи се додека тој не биде испорачан од Грција, во своите завршни зборови побара нивниот клиент да биде ослободен од обвиненијата бидејќи делото за кое се товари не постои во измените од Кривичниот законик.

Шестмината обвинети, службеници во тајната полиција, изјавија дека не се чувствуваат виновни бидејќи работеле по наредба од нивниот началник, а ги исполнувале барањата бидејќи од тоа им зависело работното место и егзистенцијата. Обвинителството сепак побара тие да бидат осудени но на алтернативни казни.

„Без оглед дали работеле по наредба или не законот е јасен. Доколку наредбата е спротивна на Законот, секој државен службеник е должен да одбие постапување по незаконска наредба. Алтернативни казни значи да бидат осудени условно, бидејќи станува збор за лица кои долго време работат во УБК и имаат чисти професионални досиеа“, појасни Ристоска.

Пресудата за случајот „Тврдина 2“ ќе биде соопштена во среда. Ова ќе биде прва пресуда која се однесува на масовното нелегално прислушување и може многу да влијае на натамошниот тек на настаните и судскиот процес кој допрва треба да почне за случајот „Таргет“, што се однесува на незаконско следење на комуникациите на околу 20.000 граѓани.

Поранешниот началник на Петата управа во УБК, задолжена за следење на комуникациите, во моментов се наоѓа во притвор во Солун заедно со неговиот заменик Никола Бошковски, кој беше сведок во овој судски процес. Тие беа уапсени кон средината на минатиот месец на солунскиот аеродром, обидувајќи се да ја напуштат Грција со фалсификувани бугарски пасоши.

Македонските органи се` уште го немаат испратено барањето за екстрадиција до грчките власти бидејќи се докомплетира обемната документација.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG