Линкови за пристапност

Судот нема да ја чека екстрадицијата, на Грујевски му се суди во Скопје


Кривичниот суд ја комплетираше документацијата и ја достави до Министерството за правда кое пак треба да ја испрати во Грција. Никој со сигурност не може да каже кога бегалците од УБК ќе бидат испорачани во Македонија

Кривичниот суд ќе го почне процесот за случајот „Тврдина 2“, каде првообвинет е поранешниот началник на Петата управа во УБК Горан Грујевски, кој во моментот се наоѓа во Солун и чека на одлука за екстрадиција.

Неговиот бранител, адвокатот Љупчо Шврговски, побара процесот да биде одложен на неопределено време, со оглед дека Грујевски во моментот е недостапен. Тој потенцираше дека се крши правото на одбрана доколку му се суди отсуство.

Обвинителите од СЈО, Трајче Пеливанов и Ленче Ристевска, ги отфрлија аргументите на Шврговски како неосновани бидејќи, според нив, судењето во отсуство на Грујевски не му го ускратува правото да бара повторување на постапката.

„ Доколку биде екстрадиран, а се надеваме дека ќе биде, нема да му биде ускратено правото да побара да му се суди во присуство“ ,сметаат обвинителите

Судиката Лидија Петровска одлучи да го отфрли барањето на одбраната.

Во случајот „Тврдина 2“, Грујевски е обвинет дека со уште шестмина службеници во УБК уништиле опрема за следење на комуникации и документација за да ги сокријат трагите од масовното нелегално прислушкување.


Никола Бошковски, заменик на Грујевски во Петата управа, на овој процес треба да се појави како сведок.

Двајцата, кон средината на минатиот месец, беа уапсени на солунскиот аеродром во обид да ја напуштат Грција со фалсификувани бугарски пасоши. Грујевски го користел идентитетот Христо Атанасов, а Бошковски - Неџби Хасан. Која била дестинацијата каде сакале да се засолнат засега не се открива. Во моментов тие се наоѓаат во екстрадициски притвор во Солун.

Македонските власти соопштија дека кривичниот совет на Одделението за организиран криминал и корупција, ја комплетирало потребната документација поврзана со постапката за екстрадиција на Грујевски и Бошкоски и ја доставило до Министерството за правда, кое пак треба да ја препрати до грчките колеги за да може и официјално да почне процесот на екстрадиција. Кога тие ќе бидат испорачани во Македонија, никој не може со сигурност да каже, бидејќи процесот може да се одголговлекува и да трае со месеци, а тука е секогаш и можност двајцата да побараат азил во Грција.

Грујевски и Бошковски, два пати беа изведени пред судија во солунскиот суд каде треба да им се суди за фалсификуваните пасоши, но без епилог, бидејќи во двата наврата, не беше обезбеден официјален преведувач на македонски јазик.

Откако истрагата на СЈО покажа и докажа дека двајцата учествувале во уништувањето на доказите за нелегално прислушување, истражен судија им одреди триесетдневен притвор, но, тие останаа на слобода и поднесоа жалба до Врховен суд. Ова беше преседан во македонското правосудство, бидејќи досега ниту едно лице на кое му бил определен притвор не добило можност да ја чека одлуката на Врховен суд на слобода. На 18-ти јули, Врховниот суд ја одби жалбата, а наредбата за нивно приведување беше добиена на 26-ти јули, кога тие веќе беа во бегство. По нив беше распишана меѓународна потерница преку Интерпол.

Кога и како ја напуштиле Македонија и дали имале помош за бегството допрва треба да се открие.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG