Линкови за пристапност

СДСМ победи и во вториот круг, ВМРО-ДПМНЕ не ги признава резултатите


Убедлива победа на владеачката СДСМ. ВМРО-ДПМНЕ освои само пет градоначалнички места. ДУИ е победник во албанскиот блок. Жестоки реакции на опозицијата за изборни нерегуларности. Лидерот на Алијансата исто така не ги признава резултатите во Струга. Во Скопје ниту еден мандат за ВМРО-ДПМНЕ.

Шестите локални избори во независна Македонија завршија со убедлива победа на СДСМ и ДУИ кај албанскиот електорат. Вториот круг на гласање не донесе речиси никакви изненадувања, барем кога станува збор за поделбата на општините меѓу партиите, но затоа предизивика жестоки реакции кај опозициските партии. ВМРО-ДПМНЕ обвини за изборни нерегуларности и објави дека не ги признава резултатите.

Според официјалните податоци на Држвната изборна комисија (ДИК), во вториот круг на локални избори СДСМ победиле во 18 општини, ВМРО-ДПМНЕ во две, Алијансата за Албанците во три, ДУИ во седум, БЕСА во една, исто како и ДПА, а едно градоначлничко место освои независен кандидат.

Сумирано заедно со резултатите од првиот круг, СДСМ освои 56 градоначалнички места, вклучувајќи ги сите општини во Скопје со доминантен македонски електорат. ВМРО-ДПМНЕ е најголемиот губитник на овие избори и од 56 мандати пред почетокот на гласањето падна на само пет, а најголема општина која ја раководи градоначалник од нивните редови е Кавадарци. ДУИ има десет градоначалници од својата партија, три општини ќе ги водат независни кандидати.

Прв по завршувањето на изборите пред јавноста се обрати лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски кој соопшти дека партијата не ги признава изборните резултати. Тој се пожали на голем број нерегуларности, притисоци, уцени и поткупи на гласачи за кои соопшти дека има докази.

Тој наброја седум конкретни барања до својот политички опонент за како што рече, „враќање на демократијата и достоинството во Македонија".

„Бараме организирање на предвремени парламентрани избори согласно Пржинскиот модел кои ќе бидат спроведени од техничка Влада, оставки од претседателот на ДИК и на Агенцијата за Аудиоавизуелни услуги, итна истрага во УБК поради сомневањето дека комлетното раководство на партијата се прислушува, крај на судскиот процес каде Заев е обвинет за поткуп, основање на специјално јавно обвинителство кое ќе има ингеренции за расчистување на изборните нерегуларности од парламентарните и локалните избори и итно ослободување на лицата кои се во притвор и прекинување на процесите против сите граѓани за случувањата на 27 април“, рече Груевски

Зоран Заев се огласи еден час подоцна прогласувајќи ја целосната победа на локалните избори. За него и за партијата изборите минале во фер и демократска атмосфера, а обвинувањата на опозиција ги отфрли како неточни. Тој побара од политичките ривали да ја преиспитаат својата одлука околу непризнавањето на изборните резултати.

„Ова е голема победа на граѓаните на Република Македонија. Имавме демократски, фер, чисти избори. Ги повикувам и ВМРО-ДПМНЕ да го преиспитаат својот став за непризнавање на овој изборен процес за кој и тие самите знаат дека помина во целосно слободна, фер и демократска атмосфера. Ги разбирам овие тешки моменти исполнети со емоции во кои се наоѓа раководството на нашиот политички противник, но се надевам дека ќе изнајдат сили да се однесуваат како одговорен политички субјект за кој и на овие избори гласале сериозен број граѓани. Апелирам до раководството на ВМРО-ДПМНЕ во прв план да ги стават интересите на граѓаните на Република Македонија“, изјави Заев.

Лидерот на ДУИ Али Ахмети, во партиското седиште во Тетово прогласи голема победа на локалните избори и наброја десет општини каде партијата освоила градоначалнички мандати. Во своето обраќање тој им се заблагодари на сите гласачи за нивниот придонес.

„Ова е победа за сите граѓани и тие што ги гласаа нашите кандидати и тие што не ги гласаа. Идните градоначалници ќе придонесуваат за сите граѓани и затоа им посакувам здравје, успех и реализирање на ветената програма“, рече Ахмети.

Прославата на ДУИ, како по обичај, беше одбележена со рафални истрели од автоматско оружје.

Опозициската БЕСА која освои само едно градоначалничко место и тесно загуби од ДУИ во неколку општини, најави дека ќе поднесе жалби до ДИК и обвини за изборни нерегуларности во кои била вклучена и полицијата. Лидерот на партијата, Биљал Касами, кој загуби во директен дуел со Теута Арифи за градоначалничкото место во Тетово, побара предвремени парламентарни избори.

„Во Македонија згасна една партија на Албанците. ДУИ стана огранок на СДСМ кој сега е суверен за повеќето Албанци. БЕСА победи во сите општини со гласовите на Албанците, а ДУИ победи со гласовите на СДСМ“, изјави Касами.

Интересна е состојбата со Алијансата на Албанците, која освои три градоначалнички места. Иако е во коалиција со СДСМ и ДУИ во Владата, на изборите настапи против нив во коалиција со БЕСА. Министерот за здравство Арбен Таравари победи во Гостивар, додека лидерот на партијата Зијадин Села загуби во Струга од опонентот од ДУИ, Рамиз Мерко. Таравари немаше замерка на изборниот процес додека Села ги обвини СДСМ дека директно влијаеле на волјата на албанското население во Струга со помошта во гласови.

„Не ги признавам резултатите. Имаше поткуп и уцена на гласачи од партиски активисти но и од припадници на полицијата во оваа „правна држава“. Кај албанското гласачко тело во Струга победивме. СДСМ и Заев влијаеше на резултатот и ја продлабочи етничката поделба во оваа општина. Ахмети, те чекам на парламентарни избори“, рече Села.

Тој се пожали на притисоци од полицијата и најави дека ќе поднесе жалби до ДИК.

На шестите по ред локални избори во независна Македонија, 1,8 милиони граѓани запишани во изборачкиот список избираа меѓу 260 кандидати за 80 градоначалнички места и Град Скопје.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG