Линкови за пристапност

Од полноќ изборен молк, в недела втор круг гласање


Жестока битка ќе има во албанскиот политички блок каде се диференцирани две големи коалиции. СДСМ и ВМРО ќе се судрат во Скопје, Штип и Кавадарци, а аналитичарите сметаат дека крајниот исход нема да претрпи посериозни измени

Денеска на полноќ завршува изборната кампања за локалните избори и почнува молкот пред вториот круг на гласање, кое ќе се одржи во недела. Со тоа ќе завршат шестите локални избори во независна Македонија.

Овојпат, право на глас имаат 833.716 избирачи или 46 отсто од граѓаните запишани во избирачкиот список. Тие ќе бираат меѓу 70 кандидати за градоначалници во 35 општини низ државата. За разлика од првиот круг, во недела, доволно е кандидатот да има еден глас повеќе од својот соперник за да ја објави својата победа без разлика на процентот на излезност на гласачите.

Во Скопје ќе се бира градоначалник на пет општини – Гази Баба, Кисeла Вода, Чаир, Шуто Оризари и Сарај, а неизвсна борба до последен глас ќе има и во Кавадарци и Штип каде има директен дуел меѓу кандидатите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

Кандидатите на двете најголеми партии од македонскиот блок, во вториот круг ќе се судрат во вкупно 16 општини. Во девет од нив СДСМ е во предност додека во останатите седум, поголем број на гласови во првиот круг добија кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ.

Состојбата во албанскиот блок по првиот круг од локалните избори е крајно неизвесна. ДУИ победи во две општини, Кичево и Пласница и води во сите општини со доминантен албански електорат пред вториот круг. Неизевсниот резултат е причината поради која се официјализираше уште една коалиција. БЕСА и Алијансата на Албанците меѓусебно ќе се поддржуваат во Тетово, Струга, Гостивар, Чаир и Сарај и ќе се обидат да ја срушат доминацијата на ДУИ која уште пред изборите ја има поддршката од партнерот во владата СДСМ. Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ официјално немаше никаква информација дали ќе го повикаат членството да поддржи коандидат кој не е од нивните редови.

Аналитичарите сметаат дека вториот круг нема да влијае многу на конечниот исход на локалните избори.

На 15-ти октомври, СДСМ забележа убедлива победа и освои 37 градоначалнички места уште во првиот круг. ВМРО- ДПМНЕ пак победи само во три општини. Резултатот ги изненади сите бидејќи опозициската ВМРО-ДПМНЕ доби 120 илјади гласа помалку од предвремените парламентарни избори, кои се одржаа во декември минатата година. Политичката мапа на Македонија беше комплетно изменета бидејќи дотогаш дури 56 градоначалници беа од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

По првиот круг, петмина пратеници ќе ја сменат собраниската со градоначалничката фотеља. Тоа се Петре Шилегов кој победи во Скопје, Стефан Богоев во Карпош, Сашо Поцков во Гевгелија, Максим Димитриевски во Куманово и Коста Јаневски во Струмица. Нивните места ќе бидат пополнети на првата седница по завршувањето на изборите

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG